Во Америка, нејзиниот најголем пазар, Netflix конечно почна да наплатува за споделување лозинки со корисници кои не се членови на домаќинството на претплатникот. Услугата за стриминг им овозможи на претплатниците кои се на стандардни и премиум пакети и кои плаќаат 15,5 и 20 долари месечно, да имаат едно лице со кое ќе можат да го споделат кодот дури и надвор од нивниот дом, по цена од осум долари за месец.
Тоа е само два долари поевтино отколку ако корисникот го избере основниот пакет на компанијата.
Иако сè уште не е објавено како Нетфликс ќе успее да го препознае идентитетот на корисниците или сметките, од компанијата велат дека сите членови на домаќинството кои се претплатиле сепак ќе можат да стримуваат серии и филмови без разлика каде се наоѓаат.
Во последниве години, се проценува дека повеќе од 100 милиони луѓе ширум светот користеле лозинка споделена со нив од пријатели или членови на семејството без да мора да платат. Компанијата има 232,5 милиони претплатници од целиот свет кои најмногу придонесуваат за приходите на платформата, кои минатата година достигнаа 32 милијарди долари.
Слабиот раст на бројот на претплатници во последната година, како и губењето на старите, ја натера компанијата да ја промени претходната практика и да ги убеди оние кои бесплатно ги користеле нивните услуги да почнат да плаќаат.
Спречувањето на споделување лозинки најпрво започна во Канада, Нов Зеланд, Португалија и Шпанија, а потоа и во Латинска Америка.
Дополнително, пред да применат уште построги мерки, ја најавија и опцијата за менување профили, така што дури и оние корисници кои гледале преку туѓи лозинки може да ја зачуваат својата претходна историја на прелистување.