11 декември, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКој му мисли добро на работникот - тој што му нуди поголема...

Кој му мисли добро на работникот – тој што му нуди поголема дневница за повеќечасовна работа или тој што сака да ги зачува традиционалните вредности?!

„Кучињата лаат-карванот си врви.“ Оваа народна поговорка најмногу одговара на ситуацијата со носењето на предлог измените на законските решенија за Бехтел и Енка, односно за изградбата на четирите најавени автопатишта.

Власта уверува дека новите закони се носат се со цел да нема одлагање на работите и во полна пареа да се гради нова инфраструктура. Опозицијата пак обвинуива за самоволие, кршење на човековите права и криминал. Синдикатите велат дека до последен момент ќе ги бранат работничките права, и остро ќе се спротистават на најавеното зголемување на работните часови. Од американската амбасада пак велат дека го следат целиот процес и се на став дека се е во ред. Но од Европската унија не сметаат така бидејќи испратија критика дека се злоупотребува европското знаменце за носење на овие закони. Градежниците пак велат дека нема да ги злоупотребуваат македонските работници и да им наложуваат да работат повеќе од осум часа дневно.

Расправата за законите за Бехтел и Енка кои власта упорно ги турка по брза постапка, а кои според опозицијата се и неуставни се води во законодавниот дом, но и надвор од него. Од владеачката партија СДСМ велат дека тие се обидуваат да направат нешто капитално во државата, но опозицијата се обидува со ширење на лажни вести да ги стопира во намерите.

„Зошто ВМРО-ДПМНЕ му пречи што конечно ќе се реализира Коридорот 8, зошто им пречи што над 600 милиони евра ќе завршат кај домашните компании и на крајот, чиј монопол штитат тие со противењето македонската економија покрај пристаништето во Солун, да добие алтернативи во пристаништата во Драч и Бургас. ВМРО-ДПМНЕ води хајка против реномираната американска компанија Бехтел, противејќи се на најголемата инфраструктурна инвестиција вредна 1,3 милијарди евра“ велат од СДСМ.

Опозициската ВМРО ДПМНЕ најавува дека до крај ќе оди и нема да отстапи од намерата да ги заштите работниците и самата држава од штетите кои и ги подготвува власта.

„Предложените закони за експропријација како и законот за работни односи, поднесени заради Договорот со Бехтел и Енка кој го случи владата се неуставни, и од власта презеле обврски за кои државата ќе плати пенали, иако знаеле дека се неуставни. За вакви договори и закони ќе има одговорност“, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Од градежниот сектор за Денар велат дека најголемата мака на денешницата во економијата е како да се задржи домашниот кадар во македонското стопанство. Од градежната комора велат дека младите градежни работници немаат амбиции да работат, прва опција им е да заминат од Македонија, а старите работници кои се на возраст од над 55 години не може да работат повеќе од седум или осум часа. Нивното мислење е дека тој услов за зголемување на работните часови во текот на денот, односно месецот ќе важи само за странските работници кои ќе ги донесе изведувачот Бехтел и Енка, а не и за македонските работници.

„Работниците кои претежно работат на градилиштата на Бехтел и Енка доаѓаат од Пакистан и Индија и тие работат најмалку по 10 часа на ден. Ние мислиме дека тоа е целта на носењето на овој закон бидејќи нашите работници ниту можат ниту ќе прифатат, а најмалку ќе сака да работи по 12 часа дневно“, велат од здружението на градежни компании.

Синдикатите им порачуваат на народните избраници дека не дозволуваат воведување на 12 часовен работен ден, 6 дена во неделата. На пратениците од сите политички партии им порачуваат да се охрабрат и да не прават кворум во парламентот за гласање Законот за работните односи со кој со злоупотреба на европско знаменце се силуваат работничките права.

„Ги повикуваме пратениците да не прават од работниците робови единствено поради тоа што тие робуваат и слугуваат на одредени структури. Ги потсетуваме дека работниците не ги бирале за да носат закони опасни по безбедноста и здравјето на работниците, не ги бирале за да им создаваат нечовечки услови за работа, не ги бирале за да ги жртвуваат нив наспроти бизнис интересите на поединци. Повикуваме на разум, на почитување на човековите и работничките права, на почитување на цивилизациската придобивка, 8 часа работа, 8 часа рекреација, 8 часа одмор.

Американската амбасада уверува дека се во однос на Бехтел и Енка која пак е американско турски конзорциум е чисто и работите се одвиваат според законите во државата. Но, поради ставањето на европско знаменце на законите кои се носат за полесно градење на патиштата, како што образложуваат од власта, од Европската Унија реагираа и воедно додадоа дека не треба за што и да и текне на власта за тоа да користи алиби за носење закони по брза постапка. Реакција во земјава пристигна и од европските синдикати кои соопштија дека будно ја следат состојбата и навремено ќе реагираат доколку не се спречи како што велат ова уривање на достоинството на работниците во Македонија.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП