2 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАДржавјанството од денес електронско, Спасовски го претстави како алатка против корупција на...

Државјанството од денес електронско, Спасовски го претстави како алатка против корупција на шалтерите на МВР

Од денес за уверение за државјанство граѓаните ќе може да поднесат барање по електронски пат, а во електронска форма и ќе го добијат документот. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дигитализирањето на уверението за државјанство го најави како алатка за борба против корупција на шалтерите на МВР.

„Ова е еден важен аспект и за евроинтеграциите бидејќи на тој начин се подобрува и квалитетот и ефикасноста во обезбедувањето на услугите за граѓаните. Ќе се обезбеди континуитет и непречена работа на институциите, а воедно, и најважно, ова е успешна алатка за борбата против корупцијата која се појавува токму во ваквите институции“, рече министерот Спасовски.

Работните тимови од одделот за информатика и комуникации и одделот за граѓански работи во МВР во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација овозможија преку националниот портал за електронски услуги барањето да се реализира преку имејл адреса или преку мобилен телефон.

„Барањето се поднесува лично за себе или за своето дете. Услугата е достапна на веб-страницата uslugi.gov.mk. Барање може да поднесе лице кое има државјанство на Република Македонија и е регистрирано на порталот за е-услуги преку системот за единствена најава“, рече министерот Спасовски.

Досегашниот начин на издавање уверенија за државјанство во хартиена форма останува. Граѓаните и натаму ќе можат лично или со полномошно на шалтерите во управните служби на МВР, независно каде имаат пријавено живеалиште, да поднесат и да добијат државјанство.

Министерот Спасовски најави дека како МВР ќе продолжат со дигиталната трансформација на процесите и услугите во наредниот период со цел да обезбедат брзи услуги за граѓаните преку намалувањето на влијанието на човечкиот фактор.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП