2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМлекото и млечните производи се безбедни, бруцелозата се испитува во повеќе фази,...

Млекото и млечните производи се безбедни, бруцелозата се испитува во повеќе фази, соопшти Агенцијата за храна

„По кој знае кој пат и вчера преку објавен ФБ статус, Цветан Трипуновски од ВМРО ДПМНЕ се обиде да ја изманипулира и заплаши јавноста дека во опасност е доведено здравјето на потрошувачите поради неспроведената јавна набавка за лабораториско испитување на болеста бруцелоза. Како одговорна институција апелираме граѓаните да не подлегнуваат на политичките инсинуации на Трипуновски дека на пазарот ќе се пласираат небезбедно млеко и млечни производи поради јавната набавка која е навреме објавена, а за која Државната комисија за жалби по јавни набавки е во фаза на одлучување по поднесена жалба“, реагираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Одговорно тврдиме, додаваат од таму, дека безбедносниот систем за млекото и млечните производи не е нарушен.

„Покрај лабораториските испитувања, во спроведувањето на Годишната наредба за здравствена заштита на животните за годинава, како дел од повеќегодишните програми за контрола и искоренување на болестите кај животните, вклучително и на бруцелозата, се вршат и клинички прегледи. Лабораториските испитувања се само една од методите за докажување на здравствениот статус на животните на одгледувалиштата. Примарната контрола на здравствениот статус на животните на фармите ја имаат сточарите и тие водат сметка за ова. Ја почитуваат законската обврска секоја промена во здравствениот статус на животните да ја пријават до ветеринарните друштва или официјалните ветеринари“, се истакнува во нивното соопштението.

Суровото млеко кое влегува во процесот на производство, појаснуваат од агенцијата, задолжително термички се третира(стерилизира/пастеризира) со што се елиминира и можноста, млеко заразено со бактеријата бруцела да влезе во производството. Оваа бактерија, како што велат, со термичкиот третман на млекото се уништува. Дополнително, врз основа на сопствени контролни програми и контролите кои ги спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство, се контролира и безбедноста на секој готов производ.

„Единствено за што е во право Трипуновски е неговото тврдење дека здравјето нема цена и затоа, неетички и неморално е од негова страна, исклучиво за политички цели, постојано да се игра и манипулира со него“, подвлекуваат во напишаното од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП