29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОтворен Балкан - можност за работници од регионот или дополнителен ризик за...

Отворен Балкан – можност за работници од регионот или дополнителен ризик за заминување од Македонија на последните квалификувани лица?!

Поминаа пет години од старот на иницијативата Отворен Балкан. Првично планот на земјите од регионот беше да се воведе проект кој ќе го унапреди транспортот на луѓе и стока помеѓу државите односно ќе биде препознатлив како Мини Шенген. Но засега не е забележително некое подрастично менување на досегашната соработка помеѓу земјите од Западен Балкан. Инаку иницијативата Отворен Балкан според експертите е од исклучително значење за нашата економија. Од Фајнанс Тинк за Денар велат дека регионалната економска интеграција ги подобрува нашите аспирации да станеме полноправна членка на Европската Унија. Оваа иницијатива треба да овозможи побрзо структурно прилагодување за справување со сите предизвици кои ги носи отворениот пазар.

Ставот на Институтот за економски и политички истражувања за оваа тема е дека за да се одговори какви ќе бидат ефектите за пазарот на труд од иницијативата Отворен Балкан, и од процесот на преговори и пристап кон ЕУ, значајни се неколку аспекти. Три аспекти потенцираат експертите и тоа: Kаква е моменталната структура на пазарот на труд, посебно во поглед на недостигот од одредени категории квалификуван кадар, второ, каква е структурата на платите споредбено со земјите кон кои се отвараме, и на трето место кое никако не смее да се земе како најмалку битно е, колку сме решени и подготвени за структурни промени. Фајнанс Тинк подготви и анализа за побарувачката и понудата за работна сила, според регистрираните невработени лица во Агенцијата за вработување. Податоците велат дека во моментот имаме 112 илјади регистрирани невработени лица и побарувачка од компаниите за 2023 година од околу 15000 лица.

„Имаме поларизирана состојба, односно особено суфицитарни јазови кога понудата на невработени лица за одредени занимања е драстично поголема од побарувачката, и дефицитарни јазови кај други занимања. Така, кај занимањата со високи вештини доминираат суфицитарните јазови. На другата страна постои дефицитот за работници во услужните дејности и општи работници во различни занимања, посебно помошен персонал. Предноста од регионалната интеграција и можноста за движење на работната сила е кусоците од работници, да бидат пополнети со работна сила од соседните земји. Но, постојат и ризици дефицитарните јазовите со високи вештини да се продлабочат, кај занимањата за стручњаци и техничари во информатичко-инженерските области, каде што и мобилноста е стандардно поголема“, велат од Фајнанс Тинк.

Истражувањето покажало и дека најголемиот дел од невработените лица се без квалификација а тие имаат основно образование. И заедно со лицата со само гимназија сочинуваат 70% од вкупниот број на невработени лица. Тоа укажува дека како имаме невработени лица кои доколку државата не направи структурен напор, трајно ќе бидат неупотребливи. Поразително е што од една страна да имаме 120 илјади невработени лица, а од друга страна бизнис секторот постојано да апелира на недостиг од работна сила.

„Каква е структурата и премијата на плати и за одредено занимање помеѓу земјите, за едно лице да одлучи да премине на пазарот на труд во соседната земја?! Во контекст на Иницијативата отворен Балкан, кај занимањата со ниски вештини веројатно овие премии се ниски или не постојат, земајќи предвид дека и нашата минимална и просечна плата се слични со останатите земји од Западен Балкан. Сепак, за дејностите од сезонски карактер и циклична потреба од работници може да се појават разлики во платите и тоа да предизвика дополнителен притисок на веќе постоечките недостатоци од работници, како на пример работници во туризмот и угостителството“, велат од Фајнанс Тинк.

Од Владата пак велат дека Отворен Балкан е регионална иницијатива создадена од Македонија, Србија и Албанија која е посветена на обезбедување услови за практикување на четирите европски слободи за што е можно повеќе граѓани и компании на Балканот. Од Илинденска број два велат дека на овој начин се поврзуваме за развој на нашите економии, за заеднички регионален и единствен пазар без ограничувања, без бариери, без граници и за негов долгорочен развој кој ќе донесе подобар живот за сите граѓани.

„Се работи за интеграција, наместо дезинтеграција, се работи за отворени наместо затворени граници, се работи за слобода наместо за ограничено движење, се работи за олеснување, наместо усложнување на процедурите, се работи за соработка наместо за непријателство, за напредок, наместо уназадување. Се поврзуваме со јасна, отворена и јавна намера за нашите луѓе веднаш да ја почувствуваат користа од она што го нудиме. Очекуваме таа полезност да биде почувствувана наскоро во домашниот буџет на милиони семејства, во квалитетот на живот на милиони граѓани“, велат од Владата.

Од Фајнанс Тинк апелираат дека Иницијативата Отворен Балкан треба да биде стимул и форма на притисок за побрзо реформирање на пазарите на труд, за да низ пристапните процеси кон ЕУ ние целосно се подготвиме за справување со предизвиците кои ни претстојат. Тие структурни реформи се во прилагодување на образовните политики согласно побарувачката на пазарот на труд, потоа оневозможување на злоупотреба на системот и брза транзиција од систем на социјална поддршка кон систем на вработување и справување со неформалната економија.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП