7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАФЕД ја зголеми референтната каматна стапка за 0,25 отсто

ФЕД ја зголеми референтната каматна стапка за 0,25 отсто

Американската централна банка (ФЕД) одлучи да направи уште еден чекор кон заострување на монетарната политика, па на состанокот на Федералниот комитет за отворен пазар (FOMC) беше донесена одлука каматните стапки во САД да се зголемат за уште 25 базични поени.

Тоа значи дека во последните 15 месеци ФЕД ги зголеми каматните стапки за вкупно 500 базични поени, па референтната каматна стапка сега е на највисоко ниво во последните 16 години, односно во опсег од пет до 5,25 отсто.

Во соопштението на Федералните резерви се вели дека може да биде оправдано дополнително „заострување на монетарната политика“, што укажува на можна пауза во зголемувањето на каматните стапки на следниот состанок на централната банка. Сојузниот комитет за отворен пазар ќе разгледа различни фактори при одредувањето на степенот до кој дополнителното затегнување може да биде соодветно.

„Комитетот внимателно ќе ги следи дојдовните информации и ќе ги процени импликациите врз монетарната политика“, се вели во соопштението на FOMC.

Овој пат тонот за натамошно заострување е различен, бидејќи во март изјавија дека комисијата „предвидува дека може да биде соодветно некое дополнително заострување на политиката“. Сега се наведува дека FOMC ќе разгледа различни фактори „при одредување на степенот до кој дополнителното заострување на политиката може да биде соодветно“.

ФЕД вели дека инфлацијата останува покачена и дека FOMC е многу внимателен во однос на ризиците од инфлација, иако построгите услови за кредитирање ќе влијаат на економијата и на цените. Гласањето на денешниот состанок беше едногласно.

Претседателот на ФЕД, Џером Пауел, во своето обраќање рече дека инфлацијата донекаде се намалила од средината на минатата година, но дека инфлаторните притисоци сè уште растат.

„Процесот на враќање на инфлацијата на целното ниво од два отсто ќе биде долг“, заклучи Пауел и нагласи дека американскиот банкарски систем е здрав и издржлив, како и дека условите во банкарскиот сектор се „значително подобрени“ во однос на почетокот од март.

Џером Пауел изјави и дека економскиот раст во првиот квартал од годинава бил скромен, како и оценката дека пазарот на труд останува многу „затегнат“, односно има индиции дека понудата и побарувачката се враќаат во подобра рамнотежа.

Ако денешното зголемување на каматните стапки навистина беше последно, нивото од 5,25 отсто е малку пониско отколку што многу аналитичари проценија дека ќе биде потребно. Заклучокот е дека тоа покажува дека забавувањето на банкарското кредитирање веќе се одразило на економијата и дека претставниците на ФЕД мислат дека тоа може дополнително да ги „притисне кочниците“.

Пред колапсот на Silicon Valley Bank, имаше се поголеми проценки дека каматните стапки ќе достигнат шест проценти. Иако проекцијата на претставниците на централната банка на САД никогаш не била над 5,25 отсто, многу економисти предупредија дека креаторите на политиката можеби ќе треба да направат повеќе за доволно да ја заладат побарувачката.

Инаку, Европската централна банка утре има состанок на кој се очекува да продолжи со зголемување на референтната каматна стапка, а главната дилема е колку ќе изнесува тоа зголемување.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП