17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЈелен предупреди дека САД наскоро би можеле да останат без пари

Јелен предупреди дека САД наскоро би можеле да останат без пари

Американската министерка за финансии Џенет Јелен предупреди дека земјата може да биде во опасност да остане без пари за отплата на долгот на 1 јуни доколку Конгресот не ја зголеми границата на долгот и дека тоа може да предизвика глобална финансиска криза.

Во писмото до лидерите на двата дома на Конгресот, Претставничкиот дом и Сенатот, Јелен ги повика што е можно поскоро да го подигнат лимитот на американскиот долг, кој сега изнесува 31.400 милијарди долари.

Ако не го сторат тоа, федералната влада нема да може да позајмува пари, а Јелен вели дека не може да се каже кога владата ќе остане без пари.

„Она што го научивме од ваквите ситуации во минатото е дека чекањето до последен момент може сериозно да ја наруши довербата на бизнисот и потрошувачите, да ги поскапи кредитите за граѓаните и негативно да влијае на кредитниот рејтинг на САД“, рече Јелен.

Секретарот за финансии им пиша на конгресните лидери во јануари и рече дека нејзината канцеларија веќе почнала да презема чекори за да избегне неплаќање на федералниот долг.

Министерството вчера објави дека планира да позајми повеќе пари од април до јуни оваа година, иако федералната влада е блиску до достигнување на плафонот за задолжување.

САД планираат да позајмат 726 милијарди долари овој квартал, што е 449 милијарди долари повеќе од проектираните во јануари.

Претставниците на Министерството за финансии предупредуваат дека прекршувањето на границата на долгот е голема закана за финансиската позиција на САД.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП