3 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Макпетрол“ на вработените ќе исплати речиси два милиони евра бонуси и награди

„Макпетрол“ на вработените ќе исплати речиси два милиони евра бонуси и награди

Лидерот на пазарот со нафтени деривати во Македонија, „Макпетрол“, минатата година ја заврши со одлични финансиски резултати, а дел од овој успех компанијата ќе распредели како бонуси и награди на своите вработени. Речиси два милиони евра, односно 110 милиони денари се предвидени за распределба меѓу вработените. И покрај неизвесноста на пазарот на енергенси, повисоката инфлација и зголемените трошоци за живот, со оваа одлука компанијата повторно ја потврдува грижата за вработените обезбедувајќи им стабилни приходи и дополнителни награди и бонуси.

Годишниот извештај на „Макпетрол“, кој е објавен на Македонската берза, покажува дека компанијата ја заврши 2022 година со добивка од 1.290.959.428 денари, односно околу 21 милион евра. Тоа е одличен финансиски резултат во период на големи осцилации на цените на нафтата и природниот гас на светските берзи и недостигот од енергенси со кој светот се соочува во последните години.  

Според извештајот, делови од оваа добивка ќе завршат во рацете на акционерите, на вработените, како и за нови инвестиции на компанијата во развојни проекти. Така, за исплата на дивиденда за акционерите се предвидени околу 334 милиони денари, односно околу 5,42 милиони евра, а за нови инвестиции се испланирани околу 300 милиони денари (околу 4,88 милиони евра).

Имајќи ги предвид последователните финансиски успеси во изминатите години, може да се очекува дека и оваа година „Макпетрол“ ќе продолжи со исто темпо на реализација на зацртаните проекти, остварување добивки и нудење дополнителни бенефиции за вработените. Позитивните финансиски резултати кои компанијата ги оствари во минатата година се стабилна основа за натамошни капитални инвестиции на „Макпетрол“ кои ќе бидат позитивен импулс за домашната економија.

Годинешната сума од распределенaта добивка за вработените ќе биде значително повисока од исплатената во минатата година, кога по овој основ „Макпетрол“ распредели вкупно 70 милиони денари по годишната сметка за 2021 година. Ова е дополнителен финансиски поттик за вработените во „Макпетрол“, кои минатата година и покрај кризата, двапати добија покачување на платите, со што нивните месечни приходи пораснаа за 20%. Покрај зголемувањето на платите, компанијата лани на секој вработен исплати и регрес за годишен одмор во нето-износ од 33.000 денари, како и дополнителен новогодишен бонус од 30.000 денари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП