3 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИКако Комерцијална банка ја дуплираше добивката?

Како Комерцијална банка ја дуплираше добивката?

Во периодот од 01.01-31.03.2023 година Комерцијална банка оствари добивка на износ од 1.039,7 милиони денари, што претставува зголемување за 98,9 % во однос на истиот период минатата година.

Порастот на основната каматна стапка на Народната банка и на каматните стапки на странските финансиски пазари, како и добрата поставност на активата на Банката придонесоа за овие силни резултати.

Ако се погледне во билансите на Банката, ќе се види дека работењето на Банката не е значително зголемено. Кредитирањето е зголемено за 0,7 отсто, а вложувањето во хартии од вредност за 21,1 отсто.

Најголемиот приход доаѓа од каматите кој бележи зголемување од 82,6 % во однос на истиот период од минатата година. Поради затегнувањето на монетарната политика и зголемените каматни стапки, остварен е пораст и на приходите од камати на кредитите дадени на правните лица и населението.

Зголемувањето на каматните приходи остварени кај финансиските друштва, каде доминираат пласманите во благајнички записи и депозитите во НБРСМ, се единаесеткратно поголеми, а кај нерезидентите, каде доминираат пласманите во странски банки се и над четиринаесеткратно поголеми од приходите остварени во истиот период минатата година, се наведува во извештајот.

Минатата година каматната стапка Euribor беше околу 0 % или негативна, а оваа година достигна околу 3,5 % – 4 %. Кај благајничките записи, каматите се зголемија од 1,25 % на најновите 5,50%, а на државните записи од 0,40 % на 3,70 %, или 5,25 % кај двегодишните државни обврзници, па сѐ до 7,14 % кај последната еврообврзница. Исто така, просечната пондерирана каматна стапка на депозитите во странска валута, споредено со истиот период минатата година, е зголемена од 0,25 % на 4,39 %, додека просечната пондерирана каматна стапка на пласманите во НБРСМ од 0,31 % на 3,63 %. Токму затоа, во билансот на Банката, за прв пат приходите од камати кај финансиските друштва и нерезидентите збирно, се значително поголеми од приходите од каматите кај населението, се вели во извештајот на Банката.

Банката ги оствари овие резултати благодарение на структурата на активата, во која над 55 % од пласманите се во парични средства, парични еквиваленти и пласмани во хартии од вредност, што влијаеше на одржување на висока ликвидност и профитабилност од каматни приходи.

Како резултат на ваквите движења, нетокаматната маржа на ниво на Банката се зголемила од 1,9 % во првиот квартал од минатата година, на 3,3 % во истиот период од оваа година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП