3 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИКомерцијална банка руши рекорди, дуплирана добивката за првиот квартал

Комерцијална банка руши рекорди, дуплирана добивката за првиот квартал

Во периодот од 01.01-31.03.2023 година Комерцијална банка од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 1.039,7 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 522,6 милиони денари што претставува зголемување за 98,9 %.

Планираната бруто-добивка за првиот квартал од годинава е остварена со 136,4 %. Притоа, остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 67,9% поголема во однос на истиот период минатата година. Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемувањето на приходите од редовно работење, односно од нето-приходите од камати кои бележат значително зголемување што се должи на континуираниот пораст на основната каматна стапка на Народната банка и на каматните стапки на странските финансиски пазари, во комбинација со структурата на активата на Банката. Зголемувањето на каматните стапки е резултат на напорите за намалување на инфлацијата на светско ниво. Позитивниот резултат од работењето Банката го оствари во услови на зголемена неизвесност на пазарите, сѐуште висока инфлација која забележа мало забавување, како и натамошно затегнување на монетарната политика.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 1.580,3 милиони денари и бележат зголемување од 40,6 % во однос на истиот период од минатата година.

Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 31.03.2023 година истите бележат зголемување од 82,6 % во однос на истиот период од минатата година. Притоа, треба да се укаже дека заради затегнувањето на монетарната политика и зголемените каматни стапки, остварен е пораст и на приходите од камати на кредитите дадени на правните лица и населението, но тој пораст е значително, дури неколкукратно помал од порастот на приходите од камати кај нерезидентите, кај финансиските друштва, па и кај државата. На пример, зголемувањето на каматните приходи остварени кај финансиските друштва, каде доминираат пласманите во благајнички записи и депозитите во НБРСМ, се единаесеткратно поголеми, а кај нерезидентите, каде доминираат пласманите во странски банки се и над четиринаесеткратно поголеми од приходите остварени во истиот период минатата година. Тоа е затоа што во првиот квартал од минатата година каматната стапка Euribor беше околу 0 % или негативна, а оваа година достигна околу 3,5 % – 4 %. Кај благајничките записи, каматите се зголемија од 1,25 % на најновите 5,50%, а на државните записи од 0,40 % на 3,70 %, или 5,25 % кај двегодишните државни обврзници, па сѐ до 7,14 % кај последната еврообврзница. Исто така, просечната пондерирана каматна стапка на депозитите во странска валута, споредено со истиот период минатата година, е зголемена од 0,25 % на 4,39 %, додека просечната пондерирана каматна стапка на пласманите во НБРСМ од 0,31 % на 3,63 %. Токму затоа, во билансот на Банката, за прв пат приходите од камати кај финансиските друштва и нерезидентите збирно, се значително поголеми од приходите од каматите кај населението. Или пак, збирните приходи од каматите кај финансиските друштва, нерезидентите и државата се значително поголеми од приходите од камати кај правните лица. Банката ги оствари овие резултати благодарение на структурата на активата, во која над 55 % од пласманите се во парични средства, парични еквиваленти и пласмани во хартии од вредност, што влијаеше на одржување на висока ликвидност и профитабилност од каматни приходи. Како резултат на ваквите движења, нетокаматната маржа на ниво на Банката се зголеми од 1,9 % во првиот квартал од минатата година, на 3,3 % во истиот период од оваа година.

Нето приходите од провизии и надоместоци на 31.03.2023 година изнесуваат 267,9 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 6,8 % како резултат на зголемен обем на активности кој продолжува од минатата година. Планот за анализираниот период е остварен со 89,2 %.

Нето приходите од курсни разлики на 31.03.2023 година изнесуваат 96,7 милиони денари и бележат зголемување од 68,8 %, во најголем дел како резултат на зголемениот промет на девизен пазар со правни лица, како и по основ на методолошка промена на евидентирањето на приходите од девизно работење почнувајќи од 01.01.2023 година. Планот за анализираниот период е остварен со 159,2 %.

Останатите приходи од работењето на Банката на 31.03.2023 година изнесуваат 66,6 милиони денари и бележат намалување од 64,4 % во најголем дел како резултат на помалиот износ на наплатени претходно отпишани побарувања, како и поради извршена измена на евидентирањето на приходите од девизно работење, кои од 01.01.2023 година се евидентираат во позицијата курсни разлики. Планот е остварен со 40,6 %.

Оперативните расходи за периодот 01.01-31.03.2023 година изнесуваат 485 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 2,9 % како резултат на зголемен износ на плати и други трошоци на вработените поради зголемување на вредноста на бодот кон крајот на 2022 година, како и зголемената амортизација. Планот е остварен со 92,8 %.

Во периодот од 01.01-31.03.2023 година, Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа во износ од 1 милион денари, во согласност со регулативата од НБРСМ.

Во извештајниот период Банката прокнижи исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансни изложености на нето основа во износ од 54,6 милиони денари, наспроти 128,8 милиони денари во истиот период минатата година.

Финансискиот извештај можете да го погледнете тука.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП