Во периодот 1.1.2023 до 31.03.2023 година, НЛБ Банка оствари нето добивка во износ од 802.487 илјади МКД, што претставува зголемување за 22,8% во однос на остварената нето – добивка истиот период претходната година. Зголемувањето се должи на континуирани продажни активности на кредитните продукти со посебен фокус на домаќинствата, микро, малите и средни претпријатија како и зголемен број на корисници на платните сервиси на Банката.
Нето каматните приходи, заклучно со 31.03.2023 година се повисоки за 25,7% споредено со претходната година, при што приходите од камати се повисоки за 25,0%, главно поради пораст на портфолиото во секторот домаќинства како и пораст на каматните стапки кај сегментите домаќинствата, нефинансиските правни лица и банки, додека расходите за камати се повисоки за 18,0% главно поради пораст на каматните стапки по основ на субординирани обврски и кредитни линии.

