Македонската економија покажа отпорност на глобалните шокови. Макроекономската стабилност е задржана, поддржана од конзистентната поставеност на политиките и долгорочната стабилност на девизниот курс. И покрај притисоците од увозните цени на енергентите врз трговскиот дефицит, во 2022 година девизните резерви забележаа раст од 270 милиони евра. Со тоа девизните резерви и понатаму остануваат на ниво коешто според меѓународните стандарди е адекватно за поддршка на стратегијата на стабилен девизен курс. Банкарскиот сектор е стабилен и не беше зафатен од скорешните глобални стресови. Стапката на инфлацијата започна да се намалува од ноември наваму и се очекува тој тренд да продолжи оваа година. Ова се заклучоците за монетарниот дел во извештајот на агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“, во кој се подобрува изгледот на кредитниот рејтинг на земјава, на ББ+ со стабилен изглед.
Од „Фич“ наведуваат дека растот на инфлацијата го достигна своето највисоко ниво во октомври 2022 година и забележуваат дека трендот е надолен, како и дека се очекува опаѓање во тек на 2023 година. Ова се должи на олеснувањето на ценовните притисоци кај храната и енергентите, како и затегнувањето на монетарната политика, се наведува во извештајот.

