20 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛагард: Инфлацијата во еврозоната ќе се забави, но постои значителна неизвесност

Лагард: Инфлацијата во еврозоната ќе се забави, но постои значителна неизвесност

Високата стапка на инфлација во еврозоната треба да се намали во наредните месеци, смета претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард.

Во исто време, таа предупреди дека има „голема неизвесност“ во однос на прогнозата, пренесува француската новинска агенција АФП.

„Очекуваме инфлацијата во еврозоната да продолжи да се намалува“, рече претседателот на ЕЦБ на пролетниот состанок на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, се наведува во публикацијата на веб-страницата на ЕЦБ.

Како што предупреди таа, „овие изгледи сè уште се придружени со значителна несигурност, која вклучува и позитивни и негативни ризици“.

Повисокиот од очекуваниот раст на платите, рече таа, би можел да ја задржи стапката на инфлација повисока, додека тензиите на финансиските пазари или брзиот пад на цените на енергенсите би можеле да предизвикаат продолжување на нејзиниот пад.

Потрошувачките цени во еврозоната во март пораснале за 6,9 отсто на годишно ниво, што е помалку од февруари кога пораснале за 8,5 отсто. Ова е најниската стапка на инфлација забележана во минатата година и далеку под највисоката стапка од 10,6 отсто забележана во октомври минатата година, пренесува AFP.

Поради екстремно високата инфлација предизвикана од наглото зголемување на трошоците за енергија, ЕЦБ почна да ги зголемува каматните стапки со рекордна брзина. Но, неодамнешните превирања во банкарскиот сектор создадоа компликации и ги засилија повиците за умерено зголемување на каматните стапки.

Во своите најнови прогнози, ЕЦБ предвиде просечна годишна стапка на инфлација од 5,3% за 2023 година, што е сепак далеку над целта од 2%. Се очекува следната година инфлацијата да падне на 2,9 отсто, а во 2025 година на 2,1 отсто, пренесува АФП.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП