7 мај, 2024
ПочетнаСВЕТОгромна штета од објавените тајни американски документи

Огромна штета од објавените тајни американски документи

На интернет и на социјалните мрежи со недели може да се најдат цела низа документи од американското Министерство за одбрана и информациите што ги добива за ситуацијата на украинското бојно поле.

И медиумите со денови објавуваат детали, но не објавуваат документи. Не е јасно кој прв ги објавил овие трудови на проруските портали и се поставуваат цела низа прашања:

Што всушност беше објавено?

Американските медиуми јавуваат дека објавените строго тајни документи содржат информации за испораките на американско оружје за Украина, до детали за потрошувачката на муниција. Има и мапи на линијата на фронтот со точните позиции на руските и украинските единици и нивната сила. Порталот Политико наведува дека најчесто тоа не се најнови документи, туку од февруари или март, но сепак се доволно актуелни. Дополнително, документите содржат информации за тоа како НАТО и САД ја подготвуваат и вооружуваат Украина за претстојниот контранапад. Се споменуваат и можни датуми, количина и вид на планирани испораки на оружје и опрема.

„Вашингтон пост“ истакнува дека документите откриваат воена помош од други земји за завојуваните страни, вклучително и земји како Кина и Израел. Тоа е исклучително вредно за руската страна и начинот, методите и можните извори на американските служби при собирањето информации.

Волстрит журнал заклучува дека документите очигледно потекнуваат од различни американски тајни служби или дури и од штабот на американските вооружени сили како материјал за информирање на одговорните за моменталната ситуација.

Дали документите се автентични?

Си-Ен-Ен јавува дека и американската влада ја потврдила автентичноста на објавените документи, иако се тврди дека содржината на некои од фотографиите на документите е изменета. Медиумите јавуваат и дека и Пентагон и Министерството за правда – односно ФБИ – интензивно го истражуваат овој случај. Порталот Политико ја пренесува изјавата на висок функционер во Белата куќа кој тврди дека и американскиот претседател Бајден е „загрижен“ за количината на документи кои излегле во јавноста.

Кој ги препратил тие документи?

Тоа во моментов е нејасно, иако трескавично се бара доушникот. Си-Ен-Ен се повикува на информации од владини кругови кои тврдат дека првенствено бараат некој кој е во самата структура на американската влада. Според изјавата на вработен во американското Министерство за одбрана, се покажало дека стотици, ако не и илјадници луѓе имаат пристап до документи од вакво ниво на тајност. Поранешниот адвокат на американското воено воздухопловство предупредува дека објавувањето на вакви документи е едно од најтешките злосторства за загрозување на националната безбедност на САД. Истрагата е уште потешка бидејќи, според објавените документи, тешко е да се каже нешто за мотивот на доушникот: дали тој е само некаков идеалист кој мисли дека на овој начин може да придонесе за мир? Или е јасен случај на шпионажа? И што е уште полошо: дали оваа активност продолжува и дали повеќе тајни документи ќе протечат во јавноста?

Како ова откритие ќе влијае на војната во Украина?

Документите, без никакво сомневање, можат да нанесат голема штета и на Украина и на Соединетите Американски Држави на повеќе начини. Димитриј Алперович од институтот Силверадо Политика акцелератор изјави за Вашингтон пост дека иако документите се „стари неколку недели“, Москва може да добие вредни информации од нив. Пред сè, има информации за западното оружје на бојното поле во Украина, за бројот на украински војници кои биле обучени да го користат и како тие ќе служат во борбата на Украина против руските напади. Освен тоа, Њујорк Тајмс предупредува дека во документите се цитирани и информации од руските служби, каде би можело да се дознае како Американците ги добиваат овие информации.

Официјалните кругови на Украина со денови тврдеа дека овие документи се само фалсификат на руските служби. Михајло Подољак, советник во кабинетот на претседателот, рече дека тоа е „вообичаена игра на тајните служби“. Си-Ен-Ен пренесува извор близок до претседателот Зеленски кој открива дека Украина веќе променила некои планови поради овие откритија.

Претседателот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Олексеј Данилов, продолжува да изразува сомнеж за автентичноста на документите: тој за германската станица АРД изјави дека „не знам со кого разговарал Си-Ен-Ен. Во секој случај, можам да кажам дека бројот на луѓе во нашата земја кои ги знаат нашите планови е многу ограничен. И не мислам дека изворот со кој разговараше CNN е меѓу нив“. Но, Данилов ги предупредува и своите пријатели од Запад: „Тајните служби мора да бидат повнимателни кога се работи за тајни документи“. Тој исто така тврди дека сите оперативни и тактички планови за контранапад во украинската команда сепак ќе бидат решени во последен момент и во целосна тајност: „Ако некој мисли дека имаме само една опција, тогаш тоа не одговара на реалноста. Ни три опции не се многу“, вели Данилов.

Сепак, зад сцената во Киев владее голем гнев поради овие откритија, тврди Си-Ен-Ен и се повикува на луѓе од блискиот круг на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој исто така е шпиониран.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП