На Волстрит индексите Dow Jones и S&P 500 благо пораснаа во понеделникот, по многу нестабилното тргување, бидејќи инвеститорите не се сигурни дали американската централна банка ќе продолжи да ги зголемува каматните стапки или ќе го запре процесот. Dow Jones зајакна 0,30 отсто, на 33.586 поени, додека S&P 500 порасна за 0,10 отсто, на 4.109 поени. Индексот Nasdaq ослабе, пак, за 0,03 отсто, на 12.084 поени.
На самиот почеток на вчерашното тргување тие индекси паднаа бидејќи во петокот беше објавен извештај според кој бројот на вработени во САД се зголемил за 236.000, значително помалку од еден месец претходно. Стапката на невработеност, пак, падна од 3,6 на 3,5 отсто, додека растот на платите забави втор месец по ред.
Повеќето инвеститори веруваат дека ФЕД ќе ги зголеми каматните стапки
Иако податоците беа во согласност со очекувањата на аналитичарите и покажаа дека затегнувањето на монетарната политика од страна на ФЕД дава резултати, инвеститорите стравуваат дека не е доволно централната банка да го прекине циклусот на зголемување на каматите.
Затоа, сега на пазарот на пари се проценува дека има 74 отсто шанси ФЕД да ги зголеми клучните каматни стапки за дополнителни 0,25 процентни поени на мајската седница, додека пред објавувањето на извештајот за вработување тие изгледи беа околу 49 проценти. Сепак, пазарот вчера се смири, а индексите ги вратија почетните загуби, при што Dow Jones и S&P 500 ја завршија сесијата со позитивен предзнак.
“Тоа беше ден без јасна насока на пазарот. Инвеститорите сè уште веруваат дека ФЕД ќе ги зголеми каматните стапки за 0,25 процентни поени во мај, што го зголемува ризикот од рецесија. Покрај тоа, инвеститорите се нервозни во очи на извештаите за потрошувачките и производните цени“, вели Сем Стовал, стратег во CFRA Research.
Почнува објавувањето на кварталните резултати на компаниите
Извештајот за потрошувачките цени во САД ќе биде објавен во четврток, а за цените на производителите во петок. Тие извештаи ќе им дадат на инвеститорите поцелосна слика за забавувањето на инфлацијата во март.
И оваа недела започнува сезоната на објавување квартални деловни резултати на компаниите. Во петок, трите големи банки – Ситигруп, ЈПМорган Чејс и ВелсФарго – ќе објават извештаи, кои би можеле да дадат појасна слика за состојбата во секторот, по колапсот на неколку регионални банки во март.
Според најновите проценки на аналитичарите во истражувањето на Ројтерс, заработката на компаниите од индексот S&P 500 ќе биде за 5,2 отсто помала во првиот квартал во однос на истиот квартал лани, додека на почетокот на кварталот очекувале заработката да порасне за 1,4 отсто.