26 април, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАНова сајбер измама во Македонија: Претставувајќи се како УЈП, крадат банкарски податоци

Нова сајбер измама во Македонија: Претставувајќи се како УЈП, крадат банкарски податоци

Нова сајбер измама изминатите денови ги демне граѓаните. Преку СМС-порака во која стои „УЈП: Извршете ја задолжителната пријава“ и има линк до лажна веб-страница чиј регистрант не е Управата за јавни приходи, се собираат лични податоци од граѓаните. Алармот го вклучи член на групата „Сојузен комитет на програмери“. Тој сподели каква СМС-порака добил, а потоа и податоците кои биле побарани да ги внесе кога го отворил линкот. Утринава, лажната страница која е претставена како да е на УЈП – не работи. Случајот е пријавен и во институциите. За разлика од други случаи, овде веб-порталот е регистриран во Македонија, но постои сомнеж дека тоа е направено со внесување на лажни податоци.

Регистрираниот лажен домеин е многу случен со оној на УЈП, што остава простор лесно да се наседне на измамата. Разликата е во само една цртичка. Лажниот домеин е регистриран како „ујп-гов.мк“, додека до сервисите на УЈП се пристапува преку „ујп.гов.мк“. Сајбер измамата е активна токму во месеците кога граѓаните ги поднесуваат и потврдуваат годишните даночни пријави.

Во првиот прозорец кој се појавува кога ќе се кликне лажниот линк се бараат да се внесат лични податоци – име, презиме, адреса на живеење, град, датум на раѓање, е-маил, телефонски број. Со клик на следно – се крадат и податоците за платежната картица.

Од граѓаните се бара да се внесе бројот на картица, рокот на важност и кодот од задната страна на картицата. Овие информации се доволни за измамниците да ги извадат сите пари кои се на располагање. Во третиот и четвртиот прозорец, измамниците бараат да се прикачи личната карта и тоа од двете страни.

Откако ќе се внесат сите податоци – веб-страницата пренасочува кон вистинската страница на УЈП преку која се поднесуваат даночните пријави.

Лажната веб-страница на измамниците кои се претставуваат како УЈП е регистрирана на 6 февруари. Како сопственик е впишан извесен Јован Трајановски. Освен тоа, лажна и неточна е и е-маил адресата. „Макфакс“ контактираше на бројот кој е оставен за контакт, кога измамниците го регистрирале порталот. Слушалката од другата страна ја крена жена. Кога го побаравме Јован, таа посочи: „грешка сте“.

Ја проверивме и адресата, внесена како седиште регистрантот на лажниот веб-сајт. Измамниците како назив на улицата внеле булевар „Јане Сандански“, а како број пишале 12. Но не пишале број на зграда, број на влез и број на стан. „Макфакс“ ги провери сите граѓани кои како свое живеалиште ја имаат впишано оваа адреса. Станува збор за околу 400 жители. Но меѓу нив, нема никој со име Јован Трајановски.

„Макфакс“ побара одговори и од МВР – дали ваков случај е пријавен кај нив. Од МАРНЕТ, каде се регистрираат сите домени со „.мк“, прашавме како е направена оваа регистрација со лажни информации, зошто и по два месеци сајтот е активен, но и дали ќе истражуваат преку која агенција е регистриран. Од двете институции очекуваме одговори во текот на денот. Став побаравме и од Управата за јавни приходи. Тие потврдија дека страницата не е нивна и испратија апел до граѓаните.

„Веб страница е лажна, не e во сопственост на Управата за јавни приходи. Испраќачот на пораките се обидува да ги злоупотреби името и логото на УЈП и да ги доведе во заблуда граѓаните, да споделуваат лични податоци и на тој начин да се изложат на ризик и можна злоупотреба. Управата за јавни приходи ги презема сите неопходни активности за справување со оваа состојба“, велат од УЈП.

Ова не е прва ваква измама во Македонија. Во изминатата година, граѓаните алармираа, а МВР постапуваше по десетици вакви пријави. На ист или сличен начин, но преку веб-страници регистрирани во странство, се крадеа податоци од граѓани.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП