Изминатиот викенд беше многу бурен на европскиот континент. Во дури седум земји, политичката слика потенцијално се менуваше во исто време кога гласачите излегоа на парламентарни или претседателски избори.
Парламентарни избори се одржаа во Бугарија, Финска и Андора, а делумно и во четири француски окрузи. Швајцарците одржаа избори за нови претставници на нивните кантони, додека регионални избори беа одржани во регионот на кој припаѓа Венеција, како прв гласачки тест за политиката на актуелната премиерка Џорџија Мелони.
Во нашето опкружување најзначајни беа претседателските избори во Бугарија и Црна Гора.
Според првичните резултати кои вчера ги објавија црногорските медиуми, на триесетгодишното владеење на Мило Ѓукановиќ најверојатно му дојде крајот. Имено, иден претседател на Црна Гора ќе биде Јаков Милатовиќ, претставник на движењето „Европа сега“ составено од повеќе политички партии.
Врз основа на 90 отсто од прегледаните гласови, Милатовиќ има нешто повеќе од 60 отсто, а победата му ја честиташе и неодамнешниот претседател Ѓукановиќ.
„Нека ни е благословена победата на помирена Црна Гора, правиме чекор напред кон побогата, поправедна, понапредна и европска Црна Гора. Се збогувавме со криминалот и корупцијата, никогаш нема да има врска меѓу криминалот и Црна Гора. Минатото го оставаме зад нас, ова е историски ден“, рече Милатовиќ и им вети на граѓаните дека како претседател ќе ја внесе Црна Гора во Европската унија во следните пет години, пренесоа агенциите.
Што се однесува до Финска, поразена е поранешната премиерка Сана Марин од Социјалдемократската партија, а на нејзиното место најверојатно ќе дојде десничарот Петри Орпо.
Марин ќе остане запаметена и по тоа што некои медиуми ја критикуваа кога се појави видео од приватна забава на која таа учествуваше.
Прозападните реформисти во моментов ги водат парламентарните избори во Бугарија, но прашање е дали на крајот ќе имаат доволно бројки, односно со кои партии би можеле да создадат коалиција која би го загрозила централно-десничарскиот блок на поранешниот премиер Бојко Борисов.
На крајот, резултатите од регионалните избори во провинцијата Фриули-Венеција Џулија, во која е и Венеција во Италија, не беа заклучени, но излезноста беше исклучително мала, на ниво од околу 35 отсто.