10 мај, 2024
ПочетнаСВЕТФранција не мирува, избија нови штрајкови и протести: „Законот е донесен, но...

Франција не мирува, избија нови штрајкови и протести: „Законот е донесен, но демонстрантите сметаат дека битката не е изгубена“

Француските синдикати протестираат откако претседателот Емануел Макрон предизвика гнев во јавноста со усвојувањето на нацрт-законот за пензиските реформи без гласање во парламентот.

Штрајковите влијаат на патувањето, а се очекуваат блокади на пристаништата, рафинериите и депониите. Насилните акции на протестите станаа сè почеста глетка во последниве денови, а лидерот на левицата Жан-Лук Меланшон побара од демонстрантите да останат смирени.

Говорејќи во Марсеј, Меланшон изјави дека „првата инструкција до сите е да останат смирени, но и да не дозволат да бидат заплашени на кој било начин“, додавајќи дека Макрон „користи стратегија на парализа, провокација и хаос“, пренесува Euronews.

Повикувајќи ги оние што излегуваат на улиците „да дадат се од себе“, Меланшон се пошегува во врска со тврдењата за насилство на протестите.

„Нема насилство во овие движења, и ако има четири или пет корпи за отпадоци запалени овде-онде, тоа не е ништо во споредба со она што можевме да го видиме во минатото“, рече Меланшон.
Лидерот на синдикатот CGT: „Луѓето на улиците се најдобриот одговор на Макрон“

Протестите, исто така, го блокираа пристапот до терминалот на парискиот аеродром Роаси-Шарл де Гол, принудувајќи некои патници да стигнат таму пеш, но портпаролот рече дека протестот во близина на терминалот 1 Роаси нема да влијае на летовите.

Железничките услуги се прекинати, некои училишта се затворени, ѓубрето е натрупано на улиците, а производството на електрична енергија е загрозено бидејќи синдикатите на електраните вршат притисок врз владата да го повлече законот за пензиски реформи, пренесува Ројтерс.

Зборувајќи за одлуката на Макрон, Филип Мартинез, лидер на влијателниот синдикат CGT, рече дека „најдобриот одговор до претседателот е дека милиони луѓе штрајкуваат и на улиците“. Лоран Берже, шеф на најголемиот француски синдикат CFDT, изјави за BFM TV дека владата мора да го повлече законот за пензиите.

Макрон продолжува да се спротивставува на растечкото незадоволство на улиците на Франција, велејќи во средата дека законот за зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години мора да се примени до крајот на годината.

Ова се првите коментари на Макрон за законот откако беше усвоен без гласање во парламентот, по употребата на посебен член 49.3 од уставот што го дозволува тоа. Француската влада потоа „преживеа“ две гласања за недоверба во Долниот дом на парламентот во истиот ден.

Актуелниот француски претседател во неколку наврати изјави дека е убеден дека е неопходно да се промени францускиот пензиски систем за тој да продолжи да функционира, додека неговите противници предлагаат други решенија како зголемување на даноците за богатите или компаниите, иако Макрон укажува дека тоа ќе и наштети на економијата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП