По рушењето на дел од улицата „9 Мај“ за Универзалната сала Општина Центар разгледува поригорозни мерки за инвеститорите кои градат спротивно од законските регилативи. Во изјава за медиуми денеска градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски рече дека причинетите штети по одронот на улицата ќе паднат на товар на инвеститорот „Бинјапи Инжинеринг“ кој неколкупати досега не ги почитуваше опомените на инспекторските служби и наспроти законските прописи продолжи со изведување градежни дејствија.
„Разгледуваме законски можности да доколку некој од инвеститорите не гради според законот и според одобрението коешто е дадено од страна на општината, општината го стопира и ја повлече дозволата за градба. Утрово ја разгледувавме и таа можност но во моментов ни треба да што побрзо самото земјиште се осигура и се обезбеди онаа јама којашто треба да ги заштити околните згради“, изјави Герасимовски.

