10 ноември, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„SVB Financial“ побара заштита од банкрот

„SVB Financial“ побара заштита од банкрот

Матичната банка на „Silicon Valley Bank“, „SVB Financial Group“, во петокот соопшти дека поднела барање за заштита од банкрот и планира реорганизација на Поглавјето 11 под надзор на судот за да бара купувачи за нејзините средства, објавија „Bloomberg“.

Тоа доаѓа неколку дена откако американските регулатори го запленија нејзиниот банкарски огранок, „Silicon Valley Bank“.

Бидејќи „Silicon Valley Bank“ е комерцијална банка со лиценца од Калифорнија и дел од системот на федерални резерви, таа не се квалификува за банкрот и наместо тоа, потпаѓа под контрола на Федералната корпорација за осигурување на депозити (FDIC). Сепак, нејзината матична компанија има право да поднесе барање за заштита на преостанатиот имот и да работи на отплата на долговите кон доверителите, вклучувајќи ги и сопствениците на обврзници.

Потегот за барање заштита од банкрот доаѓа откако компанијата на 13-ти март соопшти дека планира да истражува стратешки алтернативи за својот бизнис.

Акциите на големите американски банки паднаа за повеќе од 1,5% во претпазарното тргување на вестите. Акциите на регионалните банки, вклучувајќи ги „PacWest Bancorp“ и „First Republic Bank“, паднаа меѓу 10% и 20%.

Фондовите на „SVB Securities“ и „SVB Capital“ не се вклучени во пријавата за Поглавје 11, а компанијата вели дека планира да го продолжи процесот на евалуација на алтернативите за нејзиниот бизнис, како и за другите нејзини средства и инвестиции.

Колапсот на „SVB“ силно ги погоди вреднувањата на банкарските акции и ги зголеми стравувањата од прелевање на глобалните пазари.

Банката фокусирана на технологија беше принудена да продаде портфолио на државни хартии од вредност и хартии од вредност поддржани со хипотека на „Goldman Sachs“ со загуба од 1,8 милијарди долари. За да ја затвори таа дупка, банката се обиде да собере 2,25 милијарди долари капитал, но клиентите во паника ги повлекоа депозитите од банката, што резултираше со одлив од 42 милијарди долари за еден ден.

Во петокот компанијата соопшти дека има околу 2,2 милијарди долари ликвидност. На крајот на минатата година имала имот во вредност од 209 милијарди долари.

Во своето поднесување за Поглавје 11, „SVB Financial Group“ наведува средства и обврски вредни до 10 милијарди долари секоја од нив.

„SVB“ со седиште во Санта Клара, Калифорнија е најголемата американска банка која пропаѓа во повеќе од една деценија. Исто така, таа е втора по големина банка која потпадна под „FDIC“, по „Washington Mutual Inc.“, која пропадна во 2008-ма година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП