28 март, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАСојузот на средношколци ги објави барањата во однос на државната матура за...

Сојузот на средношколци ги објави барањата во однос на државната матура за учебната 2022/2023 година

Денешното Генерално собрание на Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија ги усвои следниве четири барања по однос на државната матура. Преку ова соопштение, истите детално ќе ги образложиме пред јавноста.

Барање 1: Коефициенти за екстерните испити при упис

Моменталниот модел на упис на универзитетите во земјава предвидува оценките од свидетелствата да носат најмногу 60 поени, додека останатите 40 поени произлегуваат од оценките добиение на државната матура.

Сега екстерните испити носат најмногу 24 поени, интерните испити носат најмногу 12 поени, а проектната задача носи максимум 4 поени. Имајќи ги предвид состојбите во образовниот систем и прекините во наставниот процес на оваа генерација, Сојузот предлага да се промени соодносот, т.е. екстерните да носат 20 поени, интерните 16 поени и проектната задача да носи 4 поени.

Сојузот смета дека нашето барање ќе биде во интерес на средношколците бидејќи интерните испити кои се креирани од самите предметни наставници ќе имаат повеќе тежина при уписот на факултетските студии. Затоа бараме од надлежните да издаде препорака до универзитетите преку која ќе се издејствува оваа промена.

Барање 2: Соодветни испити при упис

Сојузот бара Владата да им препорача на сите универзитети во земјава првиот екстерен предмет (мајчин јазик – Македонски јазик и литература, Албански јазик и литература, Турски јазик и литература) да го сметаат за соодветен, со што ќе се зголеми неговиот придонес во поените за државната матура.

Барање 3: Ден на прв екстерен испит

Доколку е можно имајќи го предвид православниот празник Духовден, да се помести првиот екстерен испит од 27 мај на 3 јуни. Сојузот смета дека оваа промена треба да се однесува само на првиот екстерен испит, односно сите останати компоненти да се одржат на однапред планираните датуми.

Барање 4: Интерни испити

Бараме наставниците да ги споделат материјалите за интерните испити и банките со прашања најдоцна четири недели пред денот на испитот. Бројот на прашања во банките да биде 3 пати поголем од бројот на прашања на испитот.

Сојузот смета дека овие четири барања се во интерес на сите средношколци. Ја известуваме јавноста дека овој допис ќе го доставиме до Владата, Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП