Судечкиот совет при Кривичниот суд донесе решение со кое го запира кривичниот прогон за ексдиректорот на Царината, Драган Даравелски. Според судиите, нему не може да му се суди одново бидејќи има апсолутна застареност на делото злоупотреба на службена положба и овластувањето. Пресудата со која доби седум години затвор се укинува.
„Имено, по барање за повторување на постапката против обвинетиот Д. Д. (Драган Даравелски), доставено од неговиот бранител на 10.1.2023 година, а за кое барање Кривичниот совет, со решение КПОВ бр. 40/23, дозволи повторување на постапката, а истото тоа решение беше потврдено од Апелациониот суд, беше формиран предмет со К.бр. 414/23, кој во согласност со АКМИС-системот беше распределен на понатамошно постапување. Претседателот на судечкиот совет, надвор од главен претрес, констатира дека настапила апсолутна застареност на кривичното гонење за делото сторено во периодот од 2001 до 2002 година со оглед дека: во согласност со член 353 ст. 1 од КЗ, објавен во ‘Службен весник’ на 29.7.1996 година, а кој бил во важност за време на сторување на делото, ‘службеното лице што со искористување на својата службена положба или овластувањето ќе прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета (став 3), ќе се казни со затвор од 1 до 10 години’. Во согласност со член 107 ст. 1 од истиот закон, ‘кривичното гонење не може да се преземе кога ќе поминат 10 години од извршувањето на делото’, а во согласност со член 108 ст. 6 од истиот закон, ‘застареноста на кривичното гонење настапува во секој случај кога ќе помине двапати онолку време колку што се бара за застареност на кривичното гонење’“, велат од Кривичниот суд.

