24 април, 2024
ПочетнаСВЕТSIPRI: Европа масовно се вооружува

SIPRI: Европа масовно се вооружува

Европа значително го зголеми увозот на оружје, додека остатокот од светот во просек го намали, се вели во новиот извештај на шведскиот институт за истражување на мирот SIPRI. Причината е војната во Украина.

„Трансферот на оружје во европските земји значително се зголеми“, изјави за ДВ Питер Веземан од шведскиот институт за меѓународни мировни истражувања SIPRI. „Улогата на Соединетите Држави како глобален снабдувач со оружје, исто така, очигледно е зголемена.

Во последните четири години (2018-2022), европските земји набавиле 47 отсто повеќе оружје од увоз отколку во четирите години пред тоа (2013-2017). Европските членки на НАТО го зголемија увозот на оружје за дури 65 отсто.

На крилата на таа европска трка во вооружување, целиот свет ги зголеми трошоците за оружје за вкупно пет проценти – иако падови беа забележани на другите континенти. Извештајот опфаќа само извезено оружје, па не и кога, на пример, американската војска набавува оружје од домашни производители.

Главната причина за овој огромен скок во Европа е војната во Украина, која минатата година ја донесе таа земја на третото место во светот по набавка на оружје.

Во извештајот, SIPRI ги анализира сите „трансфери на оружје“, кои вклучуваат набавка и бесплатна воена помош што му се става на располагање на Киев. Потоа, институтот ја проценува вредноста на ова оружје.

Поради ова, излегува дека минатата година, и покрај големата воена помош за Украина, САД извезле поголема вредност на оружје во Кувајт, Саудиска Арабија, Катар и Јапонија. Затоа што тие земји ги купија најсовремените скапи американски системи, а Украина најмногу оди на половно оружје од американскиот арсенал, чија вредност е помала.

Редоследот на петте најголеми извозници на оружје не се променети: по САД следат Русија, Франција, Кина и Германија.

Но, тоа се промени, бидејќи Американците го зголемија извозот за дополнителни 14 отсто во период од четири години, а сега тие учествуваат со 40 отсто од глобалниот извоз на оружје. Франција ја зголеми продажбата за дури 44 отсто и се консолидира на третото место.

Како што велат во SIPRI, ваквите големи промени не се невообичаени за оружјето, бидејќи често се доволни една или две големи и скапи нарачки за да се зголеми извозот. Но, како што вели Веземан, постојат и структурни причини за растот на француската индустрија: „Франција силно ја промовира својата посветена индустрија и на тој начин постигна голем успех во последната деценија“.

Во истиот период германскиот извоз е намален за 35 отсто, а кинескиот за 23 отсто. „Кина не успеа да навлезе на некои големи пазари, во некои случаи има јасни политички причини“, ни вели истражувачот на институтот од Стокхолм. На пример, Кина не продава оружје на соседна Индија, која е еден од главните купувачи.

„Изненадувачки е што Кина не беше во можност да се натпреварува со конкурентите од САД и Европа дури и во повеќето земји од Блискиот Исток“, додава Веземан.

Меѓу континентите, Африка забележа најголем пад на увозот од 40 отсто. Ова, како што вели нашиот соговорник, не е директно поврзано со бројот на вооружени конфликти. „Тамошните земји не можат да си дозволат многу високотехнолошки оружја, така што вредноста на трансферот на оружје не е толку висока како што би се помислило од бројот на конфликти.

Истражувачите забележуваат дека Русија ја престигна Кина како главен снабдувач на субсахарска Африка, што е особено очигледно по државните удари во Мали. А Турција добива значително помалку оружје од САД.

SIPRI ги анализираше и нарачките за скапо оружје како воени авиони, воени бродови, носачи на авиони и подморници за следниот период.

Според нивните анализи, САД ќе останат убедливо најголем извозник. Околу 60 отсто од сите нарачани борбени авиони и хеликоптери се американско производство. Само минатата година 13 земји нарачале 376 вакви американски авиони.

Франција забележала голем број нарачки, додека никој не нарачал германски авиони, но имало бродови. Русија има релативно малку нарачки, што се објаснува со фактот дека домашната армија има потреба од повеќе оружје, па има помалку за продажба.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП