28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБитиќи: Ќе поевтинат тестенините и доматното пире, пониска цена за млечните производи...

Битиќи: Ќе поевтинат тестенините и доматното пире, пониска цена за млечните производи се чека следната недела

Граѓаните веќе може да очекуваат пониски цени на тестенините и на доматното пире оти Владата донесе олеснувања за нив. Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, за следната недела најави нова листа на продукти со пониски цени.

„Донесена е одлука за намалување на царинските давачки за тестенините и доматното пире, кои треба да придонесат за намалување на цените. Се прават анализи за млекото и млечните производи. Следната недела ќе биде објавена нова листа на продукти со нови мерки“, рече вицепремиерот Битиќи.

Тој не кажа дали и на производите што ќе се најдат на новата листа со пониски цени ќе им бидат замрзнати цените или на друг начин ќе се влијае на цената, но нагласи дека намалувањето на цената не значи дека компаниите треба да се откажат целосно од профитот.

„Замрзнувањето на цените не значи дека компаниите не генерираат профит, туку нивниот профит е помал и тоа на сите треба да им е јасно. Дури и со замрзната цена на лебот од 33 денари има маржа на добивката, што е профит за компанијата, но тој не е онолку колку што тие би очекувале. Во кризен период сите губат нешто, но и сите добиваат, а добиваат тоа што граѓаните ќе бидат задоволни и помалку ќе ја почувствуваат кризата“, рече Битиќи.

Тој смета дека во пазарната економија не е дозволено неморално и неетичко однесување како она на компаниите од пекарската индустрија, кои по замрзнувањето на цената на лебот на 33 денари, ја повикуваа Владата да ја повлече одлуката, а самите не ја намалија цената на лебот во размер на субвенцијата за струја што ја добија од државата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП