26 април, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАНовиот закон што се изработува гарантира учебници навреме и без грешки

Новиот закон што се изработува гарантира учебници навреме и без грешки

Во моментот се изготвува првата нацрт-верзија на новиот закон за учебници во основното и средното образование, на која работи група составена од претставници на повеќе институции и фактори на воспитно-образовниот процес.

Ова е иницијатива на Министерството за образование и наука и Педагошката служба со единствена цел да се унапреди квалитетот на содржината на учебници, да се намали веројатноста за појава на грешки од секаква природа во содржината и во исто време да се поедностави процесот на набавка и навремена испорака до училиштата.

„Потребата од ново законско решение во интерес на образовниот систем и квалитетот на воспитно-образовниот процес во државата е повеќе од очигледна поради неопходноста од поставување повеќе дополнителни филтри за контрола при изработка и одобрување на содржината на учебниците, но и изнаоѓањето начин за поттикнување на што поголема конкуренција, односно поголем број автори со свои ракописи, како и рецензенти за одобрување на ракописите да се пријавуваат на јавните огласи“, велат од Министерството за образование.

Во новото законско решение ќе бидат интегрирани сите конструктивни предлози што од јануари пристигнаа на адресата на МОН кога беше повикана јавноста да даде забелешки и сугестии на постојното законско решение, што е основа за изработка на ново подобро решение.

Јавната дебата ќе продолжи со проследување на нацрт-законското решение до Владата, од каде што ќе биде објавено на ЕНЕР-системот, а потоа и проследено до Собранието на финална дискусија и конечно усвојување.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП