25 јуни, 2024
ПочетнаСВЕТДемонстрантите победија во Грузија: Контраверзниот закон за медиуми како странски агенти е...

Демонстрантите победија во Грузија: Контраверзниот закон за медиуми како странски агенти е повлечен

Грузиската владејачка партија најави дека ќе го повлече контроверзниот закон за „агенти на странско влијание“, објави Си-Ен-Ен. Ова соопштение дојде по две ноќи масовни демонстрации во главниот град Тбилиси.

Соопштението беше прочитано на грузискиот јавен сервис, неколку часа откако десетици илјади луѓе, втора вечер по ред, се собраа пред Парламентот на Грузија.

Најавата за повлекување на нацрт-законот беше поздравена од канцеларијата на ЕУ во Грузија. „Ги охрабруваме сите политички лидери во Грузија да се свртат кон проевропските реформи, на инклузивен и конструктивен начин“, објави канцеларијата на својот официјален профил на Твитер.

Демонстрантите, кои се спротивставија на законот, изразувајќи загриженост дека тој е против демократскиот развој на Грузија, носеа знамиња на националното и на Европската унија, на САД и на Украина.

Контроверзниот предлог-закон значеше дека медиумите и невладините организации кои добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странски извори ќе бидат регистрирани како „агенти на странско влијание“. Во спротивно би се соочиле со тешки казни.

Експертите предупредија дека овој закон ќе предизвика негативни последици за граѓанското општество и ќе ја поткопа демократијата. Критичарите истакнаа дека грузиската верзија потсетува на сличен закон донесен во Русија за да се задуши несогласувањето и политичката опозиција.

Снимките објавени на социјалните мрежи, направени за време на протестите во средата навечер, покажуваат дека демонстрантите ги гаѓаат прозорците на парламентот со камења и се обидуваат да ја пробијат безбедносната ограда. Полицијата ги спречила со солзавец и водени топови.

Министерот за внатрешни работи на Грузија соопшти дека 66 лица се уапсени за немирни протести. Учесниците на протестот го нарушија јавниот ред и закон и дадоа отпор на полицијата“, соопшти Министерството.

Во текот на двете вечери на протестот беа уапсени вкупно 142 лица.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП