2 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Intel“ бара уште 4 до 5 милијарди евра субвенции од германската влада

„Intel“ бара уште 4 до 5 милијарди евра субвенции од германската влада

Американскиот технолошки гигант „Intel“ бара дополнителни 4 до 5 милијарди евра субвенции од германската влада за да продолжи со изградбата на комплекс за производство на чипови во источниот дел на земјата, изјавија извори запознаени со ова прашање.

Дизајнерот на чипови веќе склучил договор за изградба на фабрика во Магдебург со 6,8 милијарди евра владини субвенции, што е предмет на одобрување од Европската комисија. Но, компанијата го одложи почетокот на градежните активности кон крајот на минатата година поради економските предизвици и сега бара поголема поддршка, велат изворите, кои сакаа да останат анонимни бидејќи информациите не се јавни.

„Пореметувањата во глобалната економија доведоа до зголемени трошоци, од градежни материјали до енергија“, се вели во соопштението на „Intel“ со седиште во Санта Клара, Калифорнија.

„Го цениме конструктивниот дијалог со федералната влада за решавање на јазот во трошоците што постои во градежништвото на други места, и сакаме да го направиме овој проект конкурентен на глобално ниво“, додаваат од компанијата.

Под водство на извршниот директор Пат Гелсинџер, „Intel“ започна да гради огромни капацитети кои имаат за цел да го вратат лидерството на компанијата во индустријата и да помогнат во рамнотежа на концентрацијата на производството што сега се јавува првенствено во Источна Азија.

Сепак, германскиот проект се соочува со одложувања, исто како што САД вршат притисок врз другите земји да помогнат да се спречи напредокот на кинеските способности за производство на чипови. Минатата година Европската комисија објави план наречен „EU Chips Act“, кој предвидува инвестирање на 43 милијарди евра во индустријата за полупроводници на Стариот континент. Слично на тоа, САД поставија план од 50 милијарди долари за субвенционирање на сопственото домашно производство.

„Intel“ се натпреварува со играчи како „Taiwan Semiconductor Manufacturing Co.“ и „Samsung Electronics“ за државна помош, со што е од витално значење предвременото одобрување на проектите. Компанијата го најави своето проширување во Европа во минатата година. Во тоа време, проектот беше вреден 33 милијарди евра и вклучуваше истражувачки центар во Франција и проширување на постоечката фабрика за чипови во Ирска.

Главниот дел од плановите беше да се изгради фабрика за чипови во Магдебург. Меѓутоа, откако избувна војната во Украина на почетокот на 2022-ра година, цените на енергијата во Европа се покажаа екстремно нестабилни, а инфлацијата ги зголеми трошоците за изградба.

Германското Министерство за економија одби да ги коментира разговорите со „Intel“, но потсети на целта на Европската унија да започне со производство на 20% од светските чипови до 2030-та година.

Имајќи ја на ум оваа цел, федералната влада е подготвена да ја поддржи германската индустрија за полупроводници со неколку милијарди евра и да дозволи изградба на нови погони“, се наведува во него. Агенцијата додава дека за секое дополнително финансирање ќе биде потребно одобрение од Европската комисија.

Првично, „Intel“ предвидуваше дека проектот во Германија ќе чини 17 милијарди евра, но сега очекува сумата да достигне 30 милијарди евра, велат извори запознаени со ситуацијата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП