Полицијата во Брисел била контактирана откако Европската комисија примила две пораки за експлозии на руски јазик. Во мејлот се наведува дека експлозиите ќе се случат денеска, пишува „Брисел тајмс“.
„Брисел тајмс“ пишува дека на социјалните мрежи кружат непроверени извештаи за потенцијален терористички напад на линиите 2 и 6 на бриселското метро во среда. Но, додека Националниот кризен центар на Белгија посочи дека заканата довела до дополнителна будност, тие рекоа дека „различни неубедливи елементи покажуваат дека нападот е малку веројатен“.
Бидејќи јавниот превоз во Брисел веќе беше во прекин поради разни штрајкови на синдикатите, јавноста веќе беше претпазлива кога станува збор за јавниот превоз. Многу патници утринава виделе извештаи на социјалните мрежи дека полицијата ја следи заканата за бомба.
На американските граѓани во Брисел им се испраќаат пораки од американската амбасада со барање да бидат внимателни додека патуваат во среда, особено на метро линиите 2 и 6 помеѓу станиците Issère и Rogier.
Весникот „Ле Соар“ пренесува дека споменатата електронска пошта на ЕК дошла од човек кој двапати контактирал со Европската комисија, прво на 16 февруари, а потоа и на 3 март. Во својата порака тој на руски предупреди дека „во светло на континуираната агресивна политика на ЕУ, со ова ве предупредувам на големи терористички напади на територијата на ЕУ“, пренесува порталот Кликс.