Платформата за социјално вмрежување Твитер повторно не функционираше неколку часа во понеделникот, што е шести голем прекин на услугата оваа година. Линковите не функционираа, фотографиите престанаа да се вчитуваат, а беше објавено дека не може да се пристапи до услугата за професионални корисници.
Твитер ги извести корисниците преку профил за поддршка дека „некои делови од платформата можеби нема да работат како што се очекува во моментов“. Во пораката стоело и дека е направена внатрешна (софтверска) промена која имала некои несакани последици, пренесува Verge.
Предметната промена беше дел од проектот за затворање на бесплатниот API пристап на Твитер. На 1 февруари, компанијата објави дека повеќе нема да поддржува бесплатен пристап до својот API, со што практично ќе се прекине постоењето на клиенти од трети страни и ќе се ограничи можноста за надворешно истражување на мрежата.
Кога станува збор за неуспесите на платформата, тие очигледно се резултат на длабоките резови во компанијата преземени од сопственикот Илон Маск. Според инсајдерски информации од Твитер, по масовните отпуштања, само еден инженер останал во компанијата кој работи на проектот API, а тој направил „лоша промена на конфигурацијата“.
Промената имаше каскадни ефекти во компанијата, а повеќето од алатките на платформата Твитер паднаа. Според упатените, Маск бил многу лут поради оваа грешка. Некои од сегашните вработени тврдат дека Маск ги наследил техничките недостатоци на платформата за која платил 44 милијарди долари.
Континуираните отпуштања од страна на Маск не помогнаа да се поправат грешките, а на компанијата и останаа помалку од 550 инженери со полно работно време. Отпуштањата го направија Твитер уште поранлив, според поранешните вработени, кои предвидуваат дека ќе има повеќе големи нарушувања на платформата. Тоа се случува кога ќе отпуштите 90 отсто од компанијата, велат тие.