3 мај, 2024
ПочетнаСВЕТПутин се закани дека ќе ги зајакне нуклеарните сили, споменува хиперсонични ракети

Путин се закани дека ќе ги зајакне нуклеарните сили, споменува хиперсонични ракети

Утрово, ден пред годишнината од почетокот на инвазијата на Украина, рускиот претседател Владимир Путин се закани дека ќе ги зајакне руските нуклеарни сили.

Во изјавата објавена од Кремљ рано утринава, Путин рече: „Како и досега, ќе посветиме посебно внимание на зајакнувањето на нуклеарната тријада“. Зборот „тријада“ во контекст на нуклеарното оружје се однесува на нуклеарни проектили лоцирани на земја, во морето и во воздухот.

Рускиот претседател најави дека за прв пат во вооружените сили на Руската Федерација годинава ќе влезат интерконтинентални балистички ракети од типот Сармат – оружје што може да носи повеќе нуклеарни боеви глави.

„Ќе продолжиме со масовното производство на хиперсонични ракети од типот Кинжал, кои се лансираат од воздух. Покрај тоа, ќе започнеме и масовно производство на хиперсонични ракети од типот Циркон, кои се лансираат од море“, тврди Путин.

Најави суспензија на договорот за контрола на нуклеарното вооружување

Да потсетиме, Путин, за време на неговото обраќање во рускиот парламент пред два дена, рече дека го суспендира учеството на Русија во Новиот СТАРТ договор за ограничување и контрола на нуклеарното оружје, што беше договорено со САД. Ова го загрози последниот преостанат пакт кој ги регулира двата најголеми нуклеарни арсенали во светот.

Договорот беше потпишан од поранешните претседатели Обама и Медведев во април 2010 година. Тој стапи на сила во февруари 2011 година и требаше да трае до февруари 2026 година. Со него САД и Русија се обврзаа да немаат повеќе од 700 интерконтинентални балистички ракети на копно и подморници и дека тие и стратешките бомбардери нема да имаат повеќе од 1550 нуклеарни боеви глави.

Неможност за инспекциja

Путин не најави повлекување на договорот, туку само негово суспендирање. Засега, таа суспензија вклучува не дозволување редовни инспекции на руските нуклеарни сили за да се утврди дали Москва го почитува договорот.

Суспензијата може да се прошири и на воведување на нови интерконтинентални балистички ракети во оперативна употреба без Москва да ги разоружа старите и со тоа да излезе од договорените ограничувања. Без можност за директен инспекциски надзор, единствено средство за контрола ќе биде надзорот од сателити и разузнавачката работа, што само ќе резултира со зголемување на недовербата во и онака заладените односи.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен го опиша овој потег на Путин како „лош и неодговорен“. Тој рече дека администрацијата на претседателот Џо Бајден останува подготвена да разговара за договор со Русија „во секое време, без оглед на тоа што се случува на друго место во светот“.

„Внимателно ќе набљудуваме што всушност прави Русија“

„Ние внимателно ќе набљудуваме што всушност прави Русија. Се разбира, ќе се однесуваме соодветно и ќе се обидеме да ја обезбедиме безбедноста на САД и неговите сојузници. Мислам дека е важно да продолжиме да се однесуваме одговорно во врска со ова прашање. Тоа е она што останатиот свет очекува од нас“, рече Блинкен, а пренесе Си-Ен-Ен.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП