27 април, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАОстри реакции за децата и снаите што стануваат судии и обвинители

Остри реакции за децата и снаите што стануваат судии и обвинители

Остри реакции, негодувања, но и иронија, донесоа снаите, синовите ќерките и сопругите на политичари и обвинители, кои положија завршен испит на Академијата за судии и јавни обвинители и се на чекор да гонат или судат криминал. Адвокатот Јанаки Митровски не е изненаден што 18 отсто од положените кандидати се деца на звучни имиња. Драган Пешевски, исто така адвокат, остро реагира и вели: „Срам да ви е!“ Воислав Димоски, адвокат и ексобвинител, смета дека решение за ваквата појава е ветинг (проверка).

Митровски смета дека има проблем во изборот на вакви кадри за судии и обвинители.

„Воопшто не сум изненаден од информациите што излегоа во јавност дека една петтина од конечната ранг-листа се деца на политичари, судии, обвинители. Напротив, изненаден сум од нискиот процент и очекував да биде двојно поголем. Како адвокат што имал родител етаблиран адвокат можам да направам компарација. Конкретно, јас дипломирав во петок и почнав во понеделник. Сум ги поминал сите чекори од носење бурек до пишување жалби. Сметам дека не им прават добро на своите деца бидејќи од самиот почеток им го подриваат авторитетот“, посочи Митровски за „Макфакс“.

Пешевски посочува дека со вакви избори ќе нема кој да ги гони високиот криминал и корупцијата.

Само децата на политички подобните и моќните ќе нè гонат и судат. Кој ќе го гони својот татко, брат, сестра, роднина за висок криминал и корупција? Никој, точно! Ќе го ‘јадат’ обични смртници за релативно ситен криминал за да може овие горенаведените да покажат дека работат нешто. Ама и тие обични ќе фатат џаде од тука и после што? Како канцери со метастази сте се закачиле на државниот организам и го ништите без усул, ама знаете што… кога ќе умре организмот и канцерот умира со него, така што последицата е таа. Срам да ви е!“, пишува адвокатот.

Според адвокатот Димоски, само ветинг може да ја реши оваа појава.

„Кога роднини на политичари стануваат кандидати за судии, има поле да зборуваме за сторена злоупотреба на положбата. Кога деца/сопружници на судии и обвинители стануваат кандидати за правосудни функционери, има поле да зборуваме за корупција. Ако некој ме прашува мене, сето ова треба да биде опфатено со ветинг.

п.с. Ова како родител: Им правите мечкина услуга на вашите деца. Јасно е дека немајќи можност да им оставите занает, во наследство им ги оставате функциите! Единствено што треба да остави во наследство одговорен родител е чист образ! Нормално, ако го има“, посочува Димовски.

„Макфакс“ објави дека речиси 18 проценти од положените кандидати, кои се идни судии и обвинители, се синови, ќерки, снаи и сопруги на актуелни политичари, сегашни и поранешни судии и обвинители. Ова го покажува јавно објавената ранг-листа на Академијата за судии и обвинители „Павел Шатев“. Од 58 кандидати, само еден го нема положено завршниот испит. Во листата има и многу звучни имиња.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП