30 април, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАПоглед на Собрание: Квалитетот на дебата е на ниско ниво, повеќе од...

Поглед на Собрание: Квалитетот на дебата е на ниско ниво, повеќе од половина дискусии се слабо аргументирани

На скала од 1 до 10, оценката за квалитетот на дебатата во Собранието на Република Северна Македонија за второто полугодие на 2022 е 5,7. Ова го покажа набљудувањето на Институтот за демократија во периодот јули – декември 2022 година. Во фокус беа дискусиите што се однесуваат на точки од собранискиот дневен ред кои спаѓаат во областите на владеење на право, човековите права и демократија.

И покрај благото подобрување во однос на периодот јануари – јуни 2022 (5,6), извештајот за овој период покажува ниско ниво на квалитет на дебата и го потврдува заклучокот дека постои простор за значително подобрување.

Генерално се забележува мало подобрување на нивото на аргументирање од страна на учесниците во дискусијата во Собранието, во споредба со претходниот период на набљудување јануари – јуни 2022 година. Говорниците во 39% од нивните излагања немаа аргументи, додека во 54% слабо аргументираа. Еден или повеќе аргументи се забележани во 7% од дискусијата. Во овој период на известување, во набљудуваните дискусии не беше забележана промена на став кај пратениците, ниту поради подобри аргументи кај соговорниците, ниту поради други причини.

Кога станува збор за односот на пратениците кон личноста на своите колеги од друга политичка партија, во 17% од дискусијата е искажано почитување што е значителен напредок за разлика од претходниот период на набљудување кога експлицитно почитување било искажано во 1% од случаите. Но и покрај ова подобрување, пратениците и понатаму повеќе се осврнуваат кон личните карактеристики на соговорниците, отколку кон суштинско разгледување на нивните аргументи.

Извештајот го потврдува и константно нискиот осврт на пратениците кон правата на маргинализираните групи, низ сите периоди на набљудување. Забележано е дека пратениците во околу 87% од нивната дискусија не се осврнуваат кон правата на маргинализираните групи, доколку специфично не се дискутира за одреден закон или тема на дневен ред поврзано за нивните права.

Поактивни со вклучување во дискусиите биле пратениците од опозицијата, кои учествувале во 63% од набљудуваните дискусии, додека пратениците од власта учествувале во 37%. Најчесто за збор се јавувале и најдолго на пратеничката говорница се задржувале пратениците Бојан Стојаноски и Гордана Сиљановска Давкова.

Институтот за демократија од јуни 2014 година, го следи квалитетот на дебатата во Собранието и работата на Собранието генерално. Во јануари 2020 година, почна четвртиот циклус на мониторинг, во рамки на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП), која е поддржана од Владата на Швајцарија. Овој проект се спроведува во партнерство со Националниот демократски институт (НДИ) и Центарот за управување со промени (ЦУП).

Извештајот на македонски јазик може да го прочитате тука:
Поглед на Собрание: Извештај од набљудувањето на квалитетот на дебатата во Собранието (јули – декември 2022)

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП