5 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАСтранци ќе го оправаат системот на Фондот за здравство по сајбер-нападот

Странци ќе го оправаат системот на Фондот за здравство по сајбер-нападот

Дванаесет дена по сајбер-нападот на Фондот за здравство, поради кој се недостапни податоците на здравствените осигуреници, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, рече дена има истрага за нападот. Според него, и нападот на Фондот е дел од хибридна војна со зачестени напади по руската агресија врз Украина, од кои ниедна земја самостојно не може да се заштити.

„Таму се работи за хибриден напад со кој е влезено во нивниот систем. Нашиот оддел работи интензивно, бараме поддршка од меѓународни партнери за да го заштитиме системот колку е можно за да продолжи понатаму. Ова треба да ни покаже дека сите треба да бидеме дел од заштитата на тој систем, да посветиме поголемо внимание на нападите, да се зголеми отпорноста на институциите оти не може една институција да ги штити сите други. Секоја мора да има заштита и експерти што тоа ги прават“, рече министерот Спасовски.

И премиерот Димитар Ковачевски денес рече дека на враќање во функција на системот на Фондот работат експерти од Германија и други држави.

Спасовски потврди дека има пријава за нападот во одделот за сајбер-криминал во МВР и се работи на истрагата, но нагласи дека заштитата на институциите треба да биде динамичен процес на ист начин како што е динамичен процесот на електронски развој. Она што денес е безбедно, министерот вели дека за шест месеци веќе може да не биде релевантно.

„Ако не работиме на превенција, на заштита на тие податоци, ќе биде многу тешко да работиме само со истрагите. Тоа е веќе кривично-правен настан и така го третираме сите ние“, вели министерот Спасовски.

Во моментот, напад, според податоците со кои располагаат, има само во Фондот за здравство, други институции не се загрозени, но министерот потсети дека изминатиот период напади имаше и во многу други институции.

„И во изминатиот период имаше некои информации и најави за обиди за напади. Повеќето од институциите имаа консолидиран систем на заштита. Имаше обиди за напади во Министерството за земјоделство, Министерството за образование, Министерството за информатичко општество, во Државниот завод за статистика за време на пописот, но тоа беа обиди за напад, успешно беа одбиени. Не се дозволи да се навлезе во системот и некои од нивните податоци да бидат уништени“, рече министерот Спасовски.

Токму за да се овозможи заштита на податоците на јавните институции, министерот Спасовски посочи дека се гради ИКТ-центарот во Прилеп да послужи како бекап за податоците.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП