Скопјанка сподели фотографии од нападот кој непознат маж го извршил врз нејзината мајка пред влез на зграда, а снимен од безбедносните камери. Жената имала повреди на окото, вратот и раката, јавно сведочи Анета Малова. Настанот се случил во Карпош, за каде во изминатиов период беа споделени информации дека крадци пустоштат низ домовите на жителите. Од МВР велат дека нема 70 кражби и 11 нападнати жени, туку дека шест објекти се ограбени, а три жени нападнати во изминатиот месец и половина.

„Видеото нема да го објавам затоа што ми се превртува желудник секојпат кога и да го изгледам. Нападната е пред влезна врата со што и се нанесени повреди на окото, вратот и раката. Пријавено е, реагирано е со време и тој што ја нападна е веќе приведен и нема место за паника. За среќа од страна на полицијата се реагираше експресно. Но за жал, од него се направени повеќе штети и се надевам дека соодветно ќе одговара за истите. Но, сепак внимавајте овој е само еден од многумина што се шетаат низ Скопјево. Жени, мајки, девојки, девојчиња и сите останати, внимавајте, Скопје одамна не е безбедно место за живеење! И да, мажи, не пиштол да купувате, излезете и пречекајте ги вашите блиски доколку мора да се вратат доцна навечер, барем тоа е најмалку што можете да направите за нив. Чувајте се. Мајка ми е добро, но стравот е поголем. Комшии, кога ќе слушнете повик за помош, не игнорирајте“, пишува во јавната објава на скопјанката.


