8 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПрофитот на „Barclays“ се намали за 19% поради грешките на американските берзи

Профитот на „Barclays“ се намали за 19% поради грешките на американските берзи

Британскиот кредитор „Barclays“ објави нето добивка за 2022-ра година од 5,023 милијарди фунти (6,07 милијарди долари), надминувајќи ги консензуалните проценки на аналитичарите од 4,95 милијарди фунти, пренесува „CNBC“.

Сепак, добивката на банката падна за 19% од претходната година од 6,2 милијарди фунти, делумно поради скапата грешка во тргувањето со акции во САД.

Добивката на „Barclays“ за фискалниот четврти квартал достигна 1,04 милијарди фунти, исто така над пазарните проценки од 833,29 милиони фунти, но е помала за 4 отсто од 1,08 милијарди фунти пријавени една година порано.

Британската банка претрпе значителен удар од прекумерното издавање на хартии од вредност во САД, што резултираше со судски спорови и такси во вкупна вредност од 1,6 милијарди фунти во 2022-ра година.

Банката на почетокот на минатата година објави дека продала 15,2 милијарди долари повеќе американски инвестициски производи отколку што и било дозволено.

„Barclays“ објави нето загуба од околу 600 милиони фунти поврзана со емисијата за 2022-ра година, вклучувајќи ја и казната од 200 милиони фунти наметната од Комисијата за хартии од вредност на САД.

Според извршниот директор на заемодавачот К.С. Венкатакришнан (позната како „Венкат“) групата настапи „силно“ во 2022-ра година.

„Секој бизнис постигна раст на приходите, при што приходите на целата групација се зголемија за 14%. Ја постигнавме целта за враќање на капиталот од над 10%, одржавме силен коефициент на заеднички капитал од ниво 1 (CET1) од 13,9% и го вративме капиталот на акционерите“, посочува тој.

„Ние сме претпазливи за глобалните економски услови, но продолжуваме да гледаме можности за раст на нашите бизниси во 2023-та година“, додаде Венкатакришнан.

Меѓународната единица, која го вклучува инвестицискиот бизнис на „Barclays“, забележа пад на повратот на капиталот на 10,2% за целата година од 14,4% во 2021-ва година и на 6,4% во четвртиот квартал од 9,9% во истиот квартал од претходната година. Профитот падна и кај секторот за корпоративно и инвестициско банкарство.

„Barclays“ објави вкупна дивиденда за 2022-ра година од 7,25 п. по акција, што е зголемување од 6 п. во 2021-ва година, вклучувајќи и целосна годишна дивиденда од 5 п. по акција. Банката, исто така, има намера да започне со откуп на акции од 500 милиони фунти, со што вкупниот откуп објавен во однос на 2022-ра година ќе достигне 1 милијарда фунти и вкупниот поврат на капиталот еквивалентен на околу 13,4 п. по акција.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП