5 мај, 2024
ПочетнаСВЕТКорупцијата го подготви патот за турската трагедија

Корупцијата го подготви патот за турската трагедија

Во јужниот турски град Антакија, Бехзат го покри својот татко со ќебе и чадор, заробен под урнатините откако еден од најразорните земјотреси во поновата историја го погоди градот и го уништи домот од детството на Бехзат. Тој со голи раце го ископал татко му и му ветил на старецот кому нозете му биле заглавени под бетонската плоча дека доаѓа помош, пишува Ѓонул Тол, основач на програмата за Турција на Институтот за Блискиот Исток.

Дваесет и четири мачни часа подоцна, Бехзат ја замолил својата сопруга, сестра ми Гокче, да оди да види како е неговиот татко. „Не можам повеќе да го гледам во очи. Му реков дека помошта е на пат. Не пристигнува“. Таткото на Бехзат починал, мајка му, роднините и илјадници други, бидејќи немало кој да ја пружи потребната помош, вели Тол.

Под урнатините не се закопани само најблиските, туку и ветувањата за добро владеење, земја без корупција и држава која одговара на потребите на својот народ.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го даде ова ветување откако неговата Партија на правдата и развојот (АКП) дојде на власт по друг разорен земјотрес во северозападна Турција во 1999 година, кога илјадници загинаа поради бавната реакција на владата. Тој ја обвини распространетата корупција, неспособните власти и нефункционалните државни институции за сите неволји во 1990-тите и вети дека под неговата администрација работите радикално ќе се променат.

И се и не се. Помина времето кога внатрешните борби меѓу коалициските партнери го парализираа процесот на одлучување во владата. За време на неговите две децении на чело, Ердоган ја централизираше моќта така што таа е во негови раце. За да го направи ова, тој ги урна државните институции, назначи лојалисти на клучни позиции, ги збриша повеќето граѓански организации и ги збогати своите пријатели за да создаде тесен круг на лојалисти околу него. Кулминацијата на сето ова го отвори патот за трагедијата што ја погоди мојата земја минатиот понеделник, пишува Тол.

Самиот земјотрес, поради неговиот размер, беше смртоносен, но стручните истражувања покажуваат дека земјотресите убиваат повеќе луѓе во земјите со широко распространета корупција. Економијата на Турција под Ердоган се вози по бранот градежен бум. Тој овозможи збогатување на мал круг блиски соработници од градежниот сектор со доделување инфраструктурни проекти без тендери кои овозможуваат конкуренција и без соодветен регулаторен надзор.

Тие компании се впуштија во масовна градежна треска, градејќи инфраструктура и домови во загрозени области без да ги почитуваат градежните правила. Во Хатај, една од најтешко погодените области во земјотресот, станбените згради, болниците, па дури и локалниот огранок на турската Агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), од кои многу беа изградени од сојузниците на Ердоган, беа или срамнети со земја или лошо оштетени. Единствената градска аеродромска писта, изградена од компанија тесно поврзана со Ердоган, беше преполовена од земјотресот.

Практиката да се доделува изградба на државни инфраструктурни проекти на сојузниците на Ердоган, од кои многумина штедеа на безбедноста, претходно резултираше со трагедии.

Минатата година снежно невреме го погоди западниот град Испарта, предизвикувајќи значителни штети, оставајќи ги граѓаните без струја со недели, а неколкумина загинаа. Градските комунални претпријатија беа приватизирани од АКП и продадени на компании во сопственост на Ченгиз холдинг и Колин холдинг, компании контролирани од најблиските соработници на Ердоган. Компаниите не презедоа чекори за да се осигураат дека инфраструктурата е отпорна на такви катастрофи, не реагираа кога се случи снежна бура и ја отфрлија секаква помош од опозициските партии во соседните градови, што доведе до протести на жителите и опозициските партии против корумпираниот тендерски систем.

Во 2018 година, 25 лица, меѓу кои и деца, загинаа во железничка несреќа поради лошо одржување во северозападниот град Корлу.

Во егејскиот град Сона во 2014 година, 301 рудар загина по експлозија која предизвика ширење на јаглерод моноксид низ рударските тунели додека 787 рудари беа под земја.

Претседателот на Сома Холдинг, Алп Гуркам, е уште еден близок соработник на Ердоган. Компанијата профитираше во текот на годините на владеење на АКП, разгранувајќи се во градежниот сектор и добивајќи договори вредни милијарди долари. Рударите и опозициските партии тврдеа дека компанијата не ги презела потребните мерки на претпазливост. Само 20 дена пред експлозијата, АКП на Ердоган ја блокираше опозициската парламентарна иницијатива за истражување на состојбите во рудникот.

Додека непочитувањето на безбедносните прописи од страна на Ердоган и неговите другари влијае на зачестеноста на катастрофите, бавната и несоодветна реакција на владата ги прави посмртоносни. Шумски пожари беснееја во јужна Турција во 2021 година, при што загинаа најмалку девет лица, а илјадници беа принудени да ги напуштат своите домови. Ердоган се најде на удар на критиките поради очигледно лошата реакција на владата и несоодветната подготвеност за големи шумски пожари. Опозициските партии и жителите ја обвинија владата дека не набавила авиони за гаснење пожари, додека троши милијарди долари на градежни компании кои ја уништуваат животната средина. Владата подоцна призна дека немала флота од противпожарни авиони и дека постојните авиони не биле употребливи.

Одговорот на владата на земјотресот во понеделникот беше повторно бавен. Во Антакија, моето семејство мораше со голи раце да ги ископа саканите заробени под урнатините. Членовите на АФАД се појавија 48 часа подоцна, само за да ни кажат дека не можат да помогнат бидејќи фокусот на нивните спасувачки операции е на друго место. Турската војска, исто така, можеше да одигра улога овде, но Ердоган не распореди војници доволно рано за да помогне во напорите за пребарување и спасување. Турските граѓански организации, кои одиграа клучна улога во земјотресот во 1999 година, исто така беа отсутни. Сите овие неуспеси се резултат на политиката на Ердоган за централизација на власта, одземање на независноста на институциите, назначување неквалификувани лојалисти на клучни позиции и затворање на сите граѓански организации кои не ја поддржуваат неговата агенда.

За земја како Турција, подложна на земјотреси и природни катастрофи, АФАД е клучна владина агенција. Сепак, неговиот буџет е многу помал од Дирекцијата за верски прашања, која првично беше формирана за да ги надгледува верските работи, но под Ердоган стана инструмент за обезбедување верски легитимитет на владините политики. Лицето задолжено за итни случаи при природни катастрофи во АФАД е теолог по професија без претходно искуство во управување со кризи.

Турската војска, која беше на теренот неколку часа по земјотресот во 1999 година за да помогне во напорите за пребарување и спасување, исто така беше ослабена и политизирана под Ердоган по неуспешниот државен удар во 2016 година. Владата на Ердоган го отфрли протоколот што им дозволуваше на вооружените сили тие да одговараат на катастрофи без инструкции, што е еден од клучните фактори што го објаснува бавното распоредување на војниците во подрачјето погодено од земјотресот.

Силните земјотреси убиваат луѓе, но тие се посмртоносни во земји како Турција, каде што не се спроведуваат градежните правила, каде што неквалификуваните лојалисти се на клучни позиции, каде што не постојат независни институции, граѓанските организации се избришани и интересите на корумпираните малкумина доаѓаат пред сè друго.

Додека сестра ми и нејзиното семејство се обидуваа да ги извлечат телата на нивните најблиски од урнатините за барем соодветно да ги погребаат, Ердоган ги нарече оние што се жалат на бавниот одговор на државата „нечесни“ на националната телевизија. Сака сегашната трагедија и оние што и претходеа да ја прифатиме како „судбина“, но се повеќе луѓе почнуваат да мислат дека насобраните проблеми во државата имаат име и презиме.

Ѓонул Тол, основач на програмата за Турција на Институтот за Блискиот Исток

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП