19 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„20 години инженеринг во композитниот свет“ - македонската компанија Ламинати Ком го...

„20 години инженеринг во композитниот свет“ – македонската компанија Ламинати Ком го прослави јубилејот со подмладен менаџерски тим

Под слоганот „20 години инженеринг во композитниот свет“ Ламинати Ком прославува важен јубилеј во своето постоење. Во присуство на нивните соработници, клиенти, претставници на македонските универзитети и стопанските комори беа одбележани досегашните постигнувања, а беа доделени и благодарници за соработка и признанија за посебни достигнувања на надворешни соработници и организации, како и на членовите од тимот.

Од основањето до денес, компанијата ја исполнува својата мисија со континуирани раст и развој. Ламинати Ком ја основаа Томо Ѓорѓиески и Петар Василески, машински инженери со силна експертиза, јасна визија и голема мотивација, кои за краток период ја купуваат првата хидраулична преса и машина за импрегнација, и со тоа зачнуваат нова ера со сопствено производство.

Историјата на компанијата ја одбележуваат неколку важни настани:

2002 година – Основана е фирмата Ламинати Ком и почнува да работи без сопствена опрема и машини, ниту производен простор, но со екстремна експертиза, јасна визија и голема мотивација.
2005 година – Ламинати Ком се здобива со првите сопствени производни хали, како и со користени машини за производство кои се прилагодувале и реконструирале според сопствените потреби.
2006 година – Компанијата ги набавува првите CNC машини, во исто време ја конструира и ја пушта во употреба првата Filament Winding машина, со што воведува и втора производна технологија со сопствени преработувачки услуги за сопствените материјали.
2012 година – Компанијата се здобива со Интегрирана еколошка дозвола Б-тип.
2013 година – Ламинати Ком станува доминантен сопственик на акциите на Еуропрофил АД, Крушево, а со тоа воведува и производство по нова технологија – пултрузија.
2017 година – Се имплементира ERP (Enterprise Resource Planning system) за автоматизација на корпоративните процеси како и минимизирање на евентуални мануелни грешки.
2020 година – Основа на корпоративното работење стануваат високите критериуми на ISO стандардите. Ламинати Ком стекнува ISO9001:2015, меѓународен стандард за менаџирање со систем за квалитет и ISO14001:2015.

Ламинати Ком денес

Две декади по основањето, Ламинати Ком заедно со Еуропрофил АД останува извозно-ориентирана фирма за производство на композитни материјали, делови од композитни материјали со машинска обработка и со многу сопствени технички решенија за повеќе од 30 држави низ светот. Тимската работа на 130 професионалци е столбот на корпоративната култура, овозможувајќи постигнување на високо-поставените стандарди од купувачите, од кои голем дел се наоѓаат на Fortune 100 листата.

Композитните материјали што ги произведува и преработува Ламинати Ком спаѓаат во групата на ригидни композити, високо-софистицирани изолациони и конструктивни материјали и делови за прво вградување со релативно мала телесна маса, но со многу високи механички својства на механички отпор и како изолација за висок напон на електрична енергија и топлотна енергија,со добри топлотни параметри како електроизолација за високи температури, постојани во различни средини и отпорни на различни временски услови.

Фирмата со целосно македонски капитал, е семејна фирма и во овој период спроведува менаџерска транзиција на втората генерација. Соодветно со подмладокот во менаџерскиот тим, тимот на Ламинати Ком во моментов го имплементира својот 5-годишен инвестициски циклус, кој вклучува подобрување на условите за животната средина и екологијата во кругот, модернизација на машински парк, дигитализација, обуки, раст и развој на тимот, проширување на човечките капацитети, но пред сѐ техничко-технолошки раст и развој со развивање и усвојување на нови технологии како што се карбонски композити, термопластични композити, композити од други вештачки влакна и материјали.

Општествена одговорност

Како општествено-одговорна компанија Ламинати Ком согласно стратегијата за заштита на животната средина и намалување на CO2 емисии, инсталираше соларни панели за сопствено производство на електрична енергија.

Компанијата Ламинати Ком исто така вложува во човечкиот потенцијал, со свој придонес во развој на иден кадар. Во соработка со Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје и Машинскиот факултет од Скопје, за студентите нудат платена летна пракса, како и можност за стипендирање на додипломски студии и постдипломски студии. Од 2023 година Ламинати Ком станува партнер во средно дуално образование по германски стандард.

Во рамки на својата организација, компанијата вложува и во унапредување на спортот, со поддршка на фудбалски тим во бизнис лига, кошаркарски тимови, како и со учество со сопствен тим во регионалната пинг понг бизнис лига.

Визија за иднината

Стратегијата за иднината, поткрепена од визијата на подмладениот менаџерски тим составен од втората генерација на сопственици, го трасира патот на Ламинати Ком за освојување и проширување на странските пазари, активно придонесувајќи кон развој на регионалната и македонската економија, со акцент на одржливиот развој преку грижа и заштита на животната средина.

Честит 20-ти роденден, Ламинати Ком!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП