29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВласта се фали дека перфектно ја менаџира енергетската криза, но нема да...

Власта се фали дека перфектно ја менаџира енергетската криза, но нема да ја прекине кризната состојба во енергетиката!

Ставањето во погон на сите енергетски капацитети за производство на струја, не е доволна причина Владата да ја прекине Кризната состојба во енергетиката. Поради претпазливост и навремена реакција властите велат дека  кризната состојба треба да биде на сила. Последниов период од ЕСМ секојдневно ја информираат јавноста за произведената електрична енергија кое според нив ги надминува и оптимистичките проекции. Но, од друга страна кризната состојба во енергетиката и дозволува на ЕСМ да склучува договори без да се распише јавен оглас. Опозицијата обвинува дека на сомнителен начин се трошат парите наменети за енергетската криза.

Од Државните електрани се пофалија дека компанијата во текот на оваа година, од први јануари до осми февруари произвеле над 720 илјади мегават часови електрична енергија, што  споредбено со истиот период лани е за 40 отсто повеќе. А согласно планот за производство за годинава велат дека се исполнува со 102,5 отсто. Дополнително, раководството на ЕСМ вели дека компанијата ги има активни сите државни капацитети во погон и тие се вклучени во мрежата на пренос и дистрибуција. Ова значи дека работат трите блока на РЕК Битола, работи РЕК Осломеј, работи ТЕЦ Неготино со двата котли, работат двете гасни електрани во Скопје. Вклучени се сите 24 агрегати на хидропотенцијалот со кој располага државата. Од ЕСМ напоменуваат дека успеале да ги покријат потребните побарувања на дневна основа, како за Универзалниот снабдувач, така и за обврските кои државната компанија ги доби од владата. И покрај ваквите позитивни трендови за енеретската состојба во Македонија, властите се категорични дека нема да биде укината кризната состојба во енергетиката.

„Зголеменото производство се должи на зголемената побарувачка од страна пред се на ЕВН Хоум, поради ниските температури, но исто така и поради зголемените потреби на електрична енергија од останатите субјекти со кои имаме склучено договор. Кризата не се смета по тоа кој ден колку електрична енергија ќе произведеме, туку кризната состојба со електрична и топлинска енергија ќе трае се додека е на важност одлуката која е донесена од страна на собранието“, велат од ЕСМ.

Надлежните велат дека подобро е да остане на сила кризната состојба бидејќи можно е нагло да порасне побарувачката на електрична енергија, се уште е грејна сезона, и до нејзиниот крај мора ЕСМ да биде максимално подготвена, велат од државните електрани. Доколку сега се укине, нема да може да се прогласува кризна состојба за кратки периоди, уверуваат надлежните. Властите тврдат дека не се злоупотребува кризната состојба и апелираат до институциите да ги проверат сите документи дека се работи според законите.

Нема никакво влијание во делот на постапките кои ги прави ЕСМ, велат и од Министерството за економија. Со кризната состојба државата треба да биде сигурна дека прекин на одредени енергенси нема да се случи. Средствата се обезбедени и на тој начин ќе се продолжи, додаваат од ресорното министерство.

„Целта на кризната состојба е владата да има директни механизми за да може да влијае во енергетските комапнии главно во делот на ликвидноста, и во делот на креирање на одредени мерки како што беа мерките за повластени цени на електрична енергија за одредени индустрии, за основните и средните училишта и останати државни институции“, велат од Министерството за економија.

Од опозицијата зачестија со обвинувања дека луѓе блиски до власта се богатат на незаконски начин. Од ВМРО ДПМНЕ велат дека се користи кризната состојба за договори во четири очи.

„230 милиони евра потрошени минатата година народни пари на ЕЛЕМ, од тие 50-тина милиони завршија во приватни џебови преку тендери во четири очи. Акумулациите се на минимално ниво, односно како што досега никогаш не биле на историски минимум. Само последните месеци половина од минатата година увезоа за 50 милиони евра струја и сега СДСМ зборува за вишоци“, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Кризната состојба во енергетиката во Македонија важи од први септемви лани а сега според тврдењата ќе трае до 31 март годинава. Владата лани на ЕСМ му префрли 50 милиони евра за набавка на јаглен и струја, а во 2021 година 65 милиони евра.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП