27 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Snap“ објави загуба за кварталот и даде мрачна перспектива

„Snap“ објави загуба за кварталот и даде мрачна перспектива

„Snap“ рече дека нејзиниот приход за тековниот квартал би можел да падне до 10%, со што нејзините акции паднале за 14% во претпазарното тргување бидејќи компанијата се бори со послабата побарувачка за рекламирање.

Сопственикот на апликацијата „Snapchat“ е првата голема дигитална рекламна платформа која ги објави своите финансиски резултати за четвртиот квартал, што може да навести што да очекуваме од извештаите на „Meta Platforms“ и „Google“ подоцна во оваа недела.

Цената на акциите на „Meta“ падна за 0,9%, а на „Alphabet“, порасна за близу 0,1%. На „Pinterest“ падот на берзата е поголем, за повеќе од еден процент.

Во писмото до инвеститорите, „Snap“ рече дека слабеењето на економијата, поголемата конкуренција од другите социјални мрежи и „промените во политиките на платформата“ („Apple“) продолжиле негативно да влијаат на бизнисот во четвртиот квартал.

„Apple“ воведе промени во приватноста на „iPhone“ во 2021-ва година кои ја ограничија способноста на огласувачите да собираат податоци за насочени реклами.

Извршниот директор на „Snap“, Еван Шпигел, им рече на аналитичарите дека компанијата работи на подобрување на нејзината способност за мерење и зголемување на ефективноста на своите реклами, но дека инвестициите ќе треба да се претворат во повисоки приходи.

„Очекуваме предизвиците со кои се соочивме во текот на изминатата година да продолжат и во првиот квартал“, напиша компанијата во писмото до инвеститорите.

Приходите за четвртиот квартал што заврши на 31-ви декември изнесуваат 1,3 милијарди долари, непроменети во однос на истиот период претходната година. Тие успеаја да ги исполнат очекувањата на аналитичарите.

Нето загубата на „Snap“ достигна 288 милиони долари во кварталот, во споредба со добивката од 23 милиони долари пред една година. Компанијата објави приспособена заработка по акција од 14 центи, надминувајќи ја проценката на Волстрит од 11 центи по акција.

„Snap“ ќе одржи состанок со своите инвеститори на 16-ти февруари, кога ќе открие повеќе детали за својот план за иднината. Во август, компанијата откри дека ќе отпушти 20 отсто од својата работна сила и ќе стави крај на некои експериментални проекти како што е дрон со камера за да ги намали трошоците.

Технолошкиот сектор претрпе удар во последните месеци поради рекордно високата инфлација и очекувањата за рецесија.

Цената на акциите на компанијата со седиште во Санта Моника, Калифорнија падна за 65% во изминатата година.

„Snap“ соопшти дека има повеќе од 2 милиони претплатници на својот премиум производ „Snapchat+“, кој го лансираше минатата година во обид да развие нов прилив на приходи.

Шпигел рече дека е „многу возбуден за можностите околу генеративната вештачка интелигенција“ што може да помогне во унапредувањето на инвестициите на „Snap“ во проширена реалност.

Генеративната вештачка интелигенција, технологија која генерира текст или слики како одговор на задача, предизвика многу возбуда во технолошката индустрија во последниве месеци.

Дневните активни корисници на „Snapchat“ се зголемија за 17% на годишно ниво на 375 милиони, надминувајќи ги очекувањата на аналитичарите од 374 милиони, според податоците на „Refinitiv“.

Во своето писмо до инвеститорите, компанијата рече дека нејзината внатрешна прогноза сугерира дека приходите во првиот квартал ќе паднат помеѓу 2 и 10 проценти во однос на претходната година. „Snap“ предвидува дека неговите дневни активни корисници во тековниот период на известување ќе достигнат помеѓу 382 милиони и 384 милиони луѓе.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП