26 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Dell“ ќе укине 6.650 работни места

„Dell“ ќе укине 6.650 работни места

Соочена со остар пад на побарувачката за персонални компјутери, „Dell Technologies“ одлучи да укине околу 6.650 работни места, со што стана најновата технолошка компанија која отпушти илјадници вработени, пишува „Bloomberg“.

Гигантот се соочува со пазарни услови кои „продолжуваат да ја влошуваат нашата неизвесна иднина“, рече главниот оперативен директор Џеф Кларк во белешката што ја виде „Bloomberg“. Отпуштањата ќе влијаат на околу 5 отсто од глобалната работна сила на „Dell“, изјави портпаролот на компанијата.

По бум во продажбата на компјутери за време на пандемијата, „Dell“ и другите производители на хардвер се соочуваат со слабеење на побарувачката. Компанијата за истражување на пазарот „idc“ обезбеди прелиминарни податоци кои покажуваат дека продажбата на компјутери значително се намали во четвртиот квартал од 2022-ра година. Од најголемите компании во индустријата, „Dell“ забележа најголем пад, 37% од истиот период во 2021-ва година, според „IDC“. „Dell“ генерира околу 55% ​​од приходите од персонални компјутери.

Кларк во меморандумот до вработените рече дека претходните мерки за намалување на трошоците, вклучително и замрзнување на вработувањата и ограничувања за патувања, повеќе не се доволни. Реорганизацијата на секторите, заедно со кратењето на работните места, се гледа како можност за зголемување на ефикасноста, додаде портпаролот.

Во последниве месеци, отпуштањата силно го погодија технолошкиот сектор, вклучително и многу од конкурентите на „Dell“. „HP“, кој исто така беше тешко погоден од пазарот на персонални компјутери, во ноември соопшти дека ќе укине 6.000 работни места. „Cisco Systems“ и „International Business Machines“ соопштија дека ќе укинат по 4.000 работни места. Технолошката индустрија објави вкупно 97.171 укинување на работни места за 2022-ра година, или 649% повеќе од претходната година, покажуваат податоците на консултантската компанија „Challenger, Grey & Christmas“.

По намалувањето на работната сила, бројот на вработени на „Dell“ ќе биде најнизок во последните шест години. Само околу една третина од вработените во компанијата се со седиште во САД, според регулаторното поднесување од март 2022-ра година.

„Dell“ објави пад од 6 отсто во приходите од продажба за периодот до 28-ми октомври и даде прогноза за приходите за тековниот квартал што не ги исполни очекувањата на аналитичарите, укажувајќи на тоа дека клиентите го намалуваат купувањето на информатичката технологија. Компанијата се очекува да обезбеди повеќе информации за финансиското влијание на отпуштањата кога ќе ги објави резултатите за својот фискален четврти квартал на 2-ри март.

„Претходно издржавме економски падови и излеговме посилни. Ќе бидеме подготвени кога пазарот ќе закрепне“, напиша Кларк во својот меморандум до вработените.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП