25 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИНовата извозна стратегија на „Реплек АД“ донесе раст од 9% на приходите...

Новата извозна стратегија на „Реплек АД“ донесе раст од 9% на приходите остварени на странските пазари

Стратегијата за зајакнување на позициите на „Реплек АД“ на странските и домашниот пазар дава резултати. Приходите од продажба минатата година пораснаа за 7% во однос на 2021 година. Најголем раст на приходите „Реплек АД“ оствари на странските пазари, каде што растот изнесува 9%. На домашниот пазар растот на приходите е зголемен за 3%. 

Растот на продажбата на странските пазари најмногу се должи на зајакнување на позициите и портфолиото на компанијата на пазарите во Европската унија, како и на пазарите во регионов и во ЗНД, Африка и Блискиот Исток, АСЕАН, ЕУ и други.  Над 75% од производите на „Реплек АД“ се пласираат на странските пазари, а останатиот дел отпаѓа на домашниот пазар.

„Позитивните резултати од работењето во минатата година не се случајни. Тие се резултат на промените кои ги реализираме во сите делови од нашето работење. Интерната реорганизација, подигнувањето на капацитетите и можностите на продажната мрежа, едукацијата и воведувањето иновативни решенија резултираа со позитивни резултати на сите пазари на кои се присутни нашите производи. Новата извозна стратегија која е приоритет на овој менаџмент на „Реплек АД“ ги даде првите резултати, а реформите ќе продолжат, па очекуваме раст на пазарите и во наредниот период“, истакна Душан Пецовски, главен извршен директор на „Реплек АД“.

Во изминатиот период „Реплек АД“ инвестираше во подобрување на конкурентноста на производите преку воведување иновативни решенија, а се работеше и на подобрување на капацитетите на веледрогеријата. Овој тренд ќе продолжи и во следниот период за дополнително да се зајакнат позициите на странските пазари.

Компанијата во континуитет инвестира и во целосна модернизација и трансформација на работењето, поставувајќи нови напредни стандарди. Во таа насока, Реплек АД“ инвестираше 43 милиони денари во фотоволтаична централа со инсталирана моќност од 948.29 kWp, заменувајќи  над 40% од вкупната потрошувачка на електрична енергија со обновлива сончева енергија.  Компанијата доби и А – интегрирана еколошка дозвола, што е потврда за одговорното работење, континуираниот мониторинг и намалување на влијанието врз животната средина.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП