18 април, 2024
ПочетнаСВЕТШолц: Берлин нема да испраќа борбени авиони во Украина

Шолц: Берлин нема да испраќа борбени авиони во Украина

Германскиот канцелар Олаф Шолц ја отфрли можноста за испраќање борбени авиони во Украина, само неколку дена откако Берлин се обврза да испрати тенкови.

Шолц рече дека неговиот фокус бил на испорака на германските тенкови Леопард 2.

-Факт е дека донесовме одлука да испратиме тенкови. Мислам дека е несериозно веднаш да се започне нова дебата во Германија – изјави Шолц во интервју за „Тагесшпигел“.

Шолц повтори дека НАТО не е во војна со Русија и дека нема да дозволат таков вид на ескалација.

Оваа недела Германија се обврза да испорача 14 тенкови „Леопард 2“ на Украина, по неколкунеделен притисок од сојузниците.

Веднаш потоа, САД најавија дека на Украина ќе и ги достават своите тенкови „М1 Абрамс“.

Украина побара од сојузничките земји да формираат „коалиција на борбени авиони“ со цел да ги зајакне своите способности со помош на авиони Ф-16 и Ф-35, Еурофајтерс, Торнадо, француски Рафали и шведски авиони „грипен“.

САД најавија дека во четврток ќе разговараат за идејата за испорака на авиони „многу внимателно“ со Киев, јавува Би-Би-Си.

Советникот на украинскиот претседател Михаило Подољак изјави дека им се потребни и проектили за „драстично да се намали клучното вооружување на Русија“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека на неговата земја и се потребни американски ракети „АТАКМС“ со дострел од 297 километри, што „ќе му помогне на Киев да ги предвиди руските напади врз урбаните области и цивилите“.

Вашингтон досега одбиваше да го обезбеди тоа оружје.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП