На крајот и на оваа градежна сезона кога во најголем дел од работата на инфраструктурните проекти се стопирани не се стаса со завршување на автопатската делница Кичево – Охрид, а сериозно доцни и автопатското поврзување на главниот град со границата на Косово. Овие два проекти се од големо значење за граѓаните на земјава, како за приватни патувања така и за бизнис заедницата. И наместо политичко обединување на темата патна инфраструктура повторно се скараа најголемите партии во земјава. Власта се фали дека работи во полна пареа не само годинава туку целиот мандат, а пак за опозицијата тоа е лажен популизам со измислени бројки и нереални проекти.
Еден од последните политички препукувања помеѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ е кој колку има изградено патишта во Македонија и кој се обидува да ја изманипулира јавноста преку популизам. Власта се пофали дека ланската година е помеѓу најуспешните во реализацијата на капиталните инвестиции и дека во полна пареа се градат патишта низ целата република. Податоците кои ги објавија од владеачката партија СДСМ се дека не само лани, туку во целокупниот нивни мандат изградиле патна инфраструктура долга 1300 километри.
„Изградивме 1 300 км нови патишта во последните пет години. Градиме квалитетна инфраструктура која на долг рок ќе придонесе за нашиот економски развој и ќе овозможи подобар живот за сите. Изградбата на патните правци не запре ни за време на пандемијата, туку напротив, реализацијата на зацртаните капитални проекти ја активираше целата градежна оператива на терен. Ова придонесе градежништвото во 2021 година да има раст од 3 отсто, а бројот на работници во градежништвото да се зголеми за 1 процент“, велат од СДСМ
На ваквите информации жестоко реагираа од опозициската ВМРО ДПМНЕ. Според опозиционерите, власта си поигрува со здравиот разум на граѓаните. Податоците на властите според ВМРО е потценување на граѓаните, бидејќи според нив забележително е колку се работи на терен.
„Велат изградиле 1.300 километри патишта за 5 години. И пак не можам да поверувам. Сме гледале како лажат, ама ова е нереално и срамота. Многу едноставно се разобличува оваа лага. Скопје – ГП Деве Баир е 107 км, Скопје – ГП Богородица е 154 км, Скопје – ГП Св. Наум е 200 км, Скопје – ГП Ново Село е 157 км, Велес – Делчево е 116 км, Кавадарци – ГП Ќафасан е 183 км, Куманово – Свети Николе е 41 км, Свети Николе – Кочани е 51 км, Штип – Страцин е 80 км, Делчево – ГП Стар Дојран е 131 км, Кичево – ГП Меџитлија е 85 км, Кичево – Прилеп е 67 км. Патната инфраструктура во Република Македонија што ја испишавме изнесува околу 1.500 километри. Од погоре наведените патни правци СДСМ и оваа Влада нема ништо направено. Ама баш ништо. Ниту 20% од сето ова, а не пак од целокупната патна инфраструктура во Македонија“, велат од ВМРО ДПМНЕ.
И додека политичарите се обидуваат да соберат некој поен плус од гласачите, граѓаните мака мачат со своите возила да стасаат од едно до друго населено место. Автопатот на западот од земјава, од Кичево до Охрид руши рекорди и во однос на годините колку што се гради, а и по цената на чинење. Бизнисот и граѓаните секоја година добиваат лажни ветувања дека изградбата на автопатот до Блаце ќе биде во напредна фаза, но наместо тоа градежните работи се одвиваат со забавено темпо. Според официјалните податоци ланската година е завршена со 86,6 отсто реализација на капиталните проекти кои сепак беа намалени со ребалансот на буџетот.
И.П