19 април, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈААрсовска: Со ревизија откриени 250 незаконски договори во МКЦ, шанкери добивале 750...

Арсовска: Со ревизија откриени 250 незаконски договори во МКЦ, шанкери добивале 750 евра месечно

Лаги манипулации се обвинувањата за директорката смена и кратењето на буџетот на Младинскиот културен центар (МКЦ), вели градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Луѓето кои во неделата со перформанс протестираа против новоназначениот в.д. директор и кратењето на буџетот за програмите на институцијата биле изманипулирани, а буџетот не е скратен.

Градоначалничката Арсовска е сигурна дека истите луѓе, доколку знаеле што правел директорот, немало да дојдат во негова одбрана иако тие и денес излегоа на протест, овој пат пред бараките на Град Скопје. Обвини дека во МКЦ има сериозни злоупотреби на средствата, парите, буџетот на Градот и на граѓаните.

За јавноста и медиумите да добијат, како што рече „соодветна илустрација“, Арсовска денес извести дека има ревизија во МКЦ која открила преку 250 договори склучени незаконски, без Агенцијата за времени вработувања или Авторската агенција, за дејности кои не се вбројуваат во основната дејност на институцијата.

„Во изминатата година во МКЦ склучени се преку 250 договори за ангажирање, спротивно на Закон. Исплаќани се илјадници евра за ангажман на овие лица ангажирани без почитување на ниту една постапка. Меѓу овие лица, најголемиот дел се познати на јавноста како истакнати членови или функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу овие, поконкретно, има и над 90 договори за времено ангажирање на шанкери на кои им биле исплаќани од 300 до 750 евра на месец. Зборуваме за бројка од 90 потпишани договори од кои еве првиот е во вредност од нешто над 750 евра за шанкер. Ова испумпување на средствата од Младинскиот културен центар некој треба да го објасни и да каже зошто, како, врз кој основ и за кој работен ангажман некој добил во текот на еден месец или секој еден месец над 750 евра за да извршува работен ангажман шанкер“, обвини градоначалничката Арсовска.

Таа објасни дека поранешниот директор не бил разрешен, како што било пласирано во јавноста туку дека му завршил договорот, а ги отфрли и обвинувањата за наводен притисок врз поранешниот директор за вработувања и јавно го повика да се извини.

„Што се однесува до лажните вести за наводен притисок врз претходниот директор во целост ги отфрлам овие обвинувања и тука сакам да најавам дека доколку господинот Ванчо Богоев во рок од 48 часа не се извини за изнесените лаги со кои штети на угледот и на МКЦ и на Градот Скопје, дека изнесеното ќе треба да си го докажува пред надлежен суд“, рече градоначалничката Арсовска.

За обвинувањата за партизација на МКЦ, Арсовска рече дека се неосновани оти таа нема партија, а нагласи дека поранешниот директор Богоев бил назначен од ВМРО-ДПМНЕ. Новиот директор детектив, Арсовска вели дека не е единствен што нема соодветно образование во институцијата и таа не сака да дозволи некој да биде дискриминиран по тој основ.

Арсовска јавно праша кој профитирал од просторот даден под наем во Младинскиот културен центар по цена од 2,7 евра од квадратен метар, а праша и зошто е дозволено во МКЦ да има раководители кои во секторот немаат ниту еден вработен.

„Од вкупно 40 вработени дури 12 се поставени како директори односно на раководни функции. Тоа значи дека има раководители на сектори кои воопшто не раководат со никого, но затоа земаат директорски односно раководни плати. При тоа МКЦ поради недостатокот на работници очигледно е дека ангажира и некои дополнителни лица кои работат во делот на културната програма односно за да функционира културната програма на МКЦ. Надвор од овие ангажирани културни работници има над 250 поединечни договори за ангажман односно испумпување пари од МКЦ кои на ниту еден начин не се поврзани со културата“, рече градоначалничката Арсовска.

Таа уверува дека буџетот на институцијата не е скратен и дека ќе се реализираат сите планирани програми.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП