19 април, 2024
ПочетнаСВЕТТри главни барања на Украина за НАТО сојузниците: „Сто благодарам не значи...

Три главни барања на Украина за НАТО сојузниците: „Сто благодарам не значи сто тенкови“

Украинскиот министер за одбрана денеска објави три приоритети кои ќе им ги претстави на сојузниците на средба во германската база Рамштајн.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, како и 50 министри за одбрана на земји членки на НАТО денеска се сретнаа во воздухопловната база Рамштајн. Eдна од главните теми секако беше актуелната војна во Украина.

Ова е осма средба меѓу украинските претставници и министрите на земјите членки на НАТО.

„Постојат три приоритети на Украина кои ќе ги објавиме на состанокот во базата Рамштајн. Повеќе системи за противвоздушна одбрана, оружје за офанзивни операции (тенкови, хаубици, муниција), како и сервис и поправка на оружје“, пишува во соопштение на Министерството објавено на Твитер.

Официјален Киев постојано ги повикува западните сојузници да им обезбедат тешка артилерија во борбата против Русија. Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска се обрати на состанокот во базата, кој од присутните функционери побара поголема воена помош, а особено ги истакна борбените тенкови.

„Војната што ја започна Русија не ни дозволува да ги одложиме работите. Морам да ви се заблагодарам за сè што веќе направивте, но да кажеш „благодарам“ сто пати не значи сто тенкови. Навистина сум благодарен за целото оружје што ни го дадовте. Сето ова помага да се спаси нашиот народ од терор, но време е за оружје што Русија го користи. Јас и вие треба да забрзаме. Мораме да го направиме тоа“, рече Зеленски.

Да потсетиме, минатата недела Велика Британија објави дека ќе испрати тенкови „Челинџер 2“ во Украина, со што стана првата европска земја која испрати борбени тенкови во Украина.

Германското министерство ја одложи одлуката за испраќање борбени тенкови во Украина, и покрај големиот притисок од Киев и другите западни сојузници.

Минатата недела Полска вети дека ќе испрати тенкови во Украина, а тоа го навести и Финска, иако не прецизираа кога тоа може да се случи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП