29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРоамингот меѓу ЕУ и Северна Македонија, БиХ и Србија наскоро ќе биде...

Роамингот меѓу ЕУ и Северна Македонија, БиХ и Србија наскоро ќе биде укинат

Пратеникот во хрватскиот парламент, Бојан Главашевиќ, на Твитер објави дека оваа година треба да стапи на сила Договорот за роаминг, според кој сите повици на мобилни телефони и мобилен интернет во Западен Балкан и во ЕУ ќе се плаќаат по исти цени како во матичните земји.

Главашевиќ рече дека оваа идеја постои одамна, но дека сега е блиску до реализација, а истото правило е на сила веќе извесно време меѓу членките на ЕУ, пренесува Индекс.

„Во Собранието се одржа комисија за европски прашања, на која државниот секретар Андреја Метелко Згомбиќ рече дека главниот договор е веќе потпишан, но треба да се потпишат уште неколку помали договори. На прашањето кога треба да се спроведе, т.е. , кога ќе стапи на сила, таа рече – оваа година“, изјави Главашевиќ за хрватските медиуми, додавајќи дека политичката волја за таков договор постои подолго време.

Според него, договорот треба да ги вклучи сите земји од Западен Балкан (БиХ, Србија, Северна Македонија…), односно оние кои се вклучени на кој било начин во процесот на пристапување во Европската унија.

„Тоа е дел од една поширока идеја за пристапниот процес. На тоа се работеше додека Хрватска претседаваше со Европската унија. Идејата беше да се создаде модифициран пристапен процес, односно кога земјите ќе исполнат одредени критериуми, нивните граѓани веќе ќе можат да уживаат во некои бенефиции и пред да влезат во ЕУ“, рече Главашевиќ.

На прашањето кои цени ќе ги опфати договорот, односно дали ги опфаќа и телефонските разговори и интернет сообраќајот, Главашевиќ одговори потврдно.

„Сепак, ќе има и заштитна клаузула, која ќе спречи, на пример, некој од Хрватска да земе претплата во Србија и да плаќа по пониски, дампинг цени“, рече Главашевиќ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП