25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДоларот најслаб во последните седум месеци

Доларот најслаб во последните седум месеци

На девизните пазари дополнително падна вредноста на доларот во однос на кошничката на валути.

Откако минатата недела потона за 1,6 отсто, индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест главни светски валути, утрово се лизна за уште 0,46 отсто на 101,79 поени, што е ново најниско ниво во последните седум месеци.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута падна за 0,4 отсто, на 127,35 јени.

Американската валута ослабе и во однос на европската, па цената на еврото порасна за 0,3 отсто, на 1,0865 долари, блиску до највисокото ниво во последните девет месеци.

Цените на нафтата, од друга страна, паднаа откако минатата недела пораснаа за повеќе од 8 отсто. Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово се лизна за 0,75 отсто, на 84,65 долари, додека на американскиот пазар барелот падна за 0,68 отсто, на 79,30 долари.

Азиските берзи пораснаа на почетокот на неделата

Цените на азиските акции пораснаа во понеделникот, продолжувајќи ги минатонеделните добивки додека инвеститорите се надеваат на забрзување на економскиот раст на Кина.

Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без Јапонија, порасна за 0,9 отсто околу 7 часот наутро, откако скокна за повеќе од 4 отсто минатата недела и го достигна највисокото ниво во последните седум месеци.

Утрово на токиската берза индексот Никеи падна за 1,15 отсто, додека цените на акциите во Хонг Конг, Австралија, Јужна Кореја и Шангај пораснаа меѓу 0,2 и 1,4 отсто.

Цените на акциите во Јапонија паднаа поради стравувањата на инвеститорите дека централната банка на земјата ќе ја заостри монетарната политика оваа недела поради зголемувањето на инфлациските притисоци.

Банката на Јапонија со години води исклучително лабава монетарна политика за поддршка на економскиот раст, а можноста за затегнување на политиката не оди во прилог на берзата.

Од друга страна, на другите берзи има добро расположение, најмногу благодарение на надежта на инвеститорите дека растот на кинеската економија ќе се забрза откако властите укинаа многу рестриктивни мерки насочени кон сузбивање на Ковид.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП