„Taiwan Semiconductor Manufacturing Co.“ (TSMC) за прв пат во две години не успеа да ја исполни својата квартална прогноза за приходите, што сугерира дека глобалниот пад на побарувачката за електроника почнува да го достигнува гигантот за чипови, пишува „Bloomberg“.
Она што се случува сугерира дека дури и „TSMC“, со својата технологија и предноста на обемот, не може да избегне забавување на потрошувачката низ целиот свет, погодена од зголемувањето на каматните стапки и забрзувањето на инфлацијата. Најголемиот снабдувач на чипови минатата година ги намали плановите за капитално трошење за околу 10% на 36 милијарди долари, а некои аналитичари предупредија дека тоа би можело дополнително да ги забави трошоците за проширување во 2023-та година.
„TSMC“, кој е ексклузивен под-добавувач на силиконски чипови за „iPhone“ и „Mac“ компјутерите на „Apple“, исто така може да биде погоден од проблеми со операциите на американскиот технолошки гигант во Кина. „Apple“ беше принуден да ги намали прогнозите за производство по хаосот поврзан со Ковид-19 во неговата фабрика во Женгжу, покажувајќи ранливост во синџирот на снабдување на компанијата.
Приходите на „TSMC“ во четвртиот квартал се зголемија за 43 отсто на 625,5 милијарди нови тајвански долари (20,6 милијарди долари), според пресметките на „Bloomberg“ врз основа на месечните податоци обезбедени од „TSMC“. Тоа ја пропушти просечната прогноза на аналитичарите од 636 милијарди нови тајвански долари. „TSMC“ соопшти дека нејзиниот приход од продажба се зголемил за 24% во декември на 192,6 милијарди долари.
Цената на акцијата на „TSMC“, највредната компанија во Тајван, падна за 27 проценти минатата година, откако се удвои за време на пандемијата. Од почетокот на годинава вредноста на хартиите е зголемена за 8%. Глобалното економско забавување ја намали побарувачката на потрошувачите за многу производи кои користат чипови на „TSMC“, но компанијата и нејзините клиенти сè уште очекуваат долгорочна побарувачка за електроника да расте.
Во декември, „TSMC“ започна масовно производство на своите чипови од следната генерација и ја зголеми својата инвестиција во американската сојузна држава Аризона на 40 милијарди долари. „TSMC“ е под притисок да ја диверзифицира географската дистрибуција на своите напредни чипови и работи со владите, вклучително и оние на САД и Јапонија, за да го прошири своето глобално влијание.