26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАММФ предупредува: Третина од светот годинава ќе биде во рецесија

ММФ предупредува: Третина од светот годинава ќе биде во рецесија

Третина од глобалната економија годинава ќе биде во рецесија, предупреди првиот човек на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Кристалина Георгиева изјави дека 2023 година ќе биде потешка од минатата година бидејќи резултатите на САД, ЕУ и Кина веќе покажуваат забавување на економијата, пренесува Би-би-си. Оваа криза доаѓа во тежок момент кога војната во Украина, растот на цените, повисоките каматни стапки и ширењето на Ковид во Кина тежат врз глобалната економија.

Во октомври ММФ ги намали прогнозите за растот на глобалната економија за 2023 година: „Очекуваме една третина од светската економија да биде во рецесија“, рече Георгиева во информативна емисија на Би-Би-Си. „Дури и во земјите кои не се во рецесија, стотици милиони луѓе ќе го почувствуваат тоа како рецесија“, додаде таа.

Катрина Ел, економист во Мудис Аналитика во Сиднеј, на Би-Би-Си ја даде својата оценка за светската економија. „Изгледите за рецесија се непријатно високи. Европа нема да избегне рецесија, а САД ќе бидат на работ“, рече таа.

Во октомври, ММФ ја намали својата перспектива за глобалниот економски раст во 2023 година поради војната во Украина, како и повисоките каматни стапки додека централните банки ширум светот се обидуваат да го задржат растот на цените. По октомври, Кина ја заврши својата политика на нулта инфекција со вирусот Ковид-19 и почна повторно да ја отвора својата економија, иако инфекцијата со коронавирус брзо се шири во земјата.

Георгиева предупредува дека Кина, втората по големина економија во светот, ќе се соочи со тежок почеток на 2023 година. „Следните неколку месеци ќе бидат тешки за Кина, кинескиот раст ќе биде негативен, влијанието врз регионот ќе биде негативно, влијанието врз глобалниот раст ќе биде негативно“, рече таа.

ММФ е меѓународна организација со 190 земји-членки. Тие работат заедно за да се обидат да ја стабилизираат глобалната економија. Една од неговите клучни улоги е да дејствува како економски систем за рано предупредување.

Коментарите на Георгиева ќе бидат алармантни за луѓето ширум светот, не само во Азија, која мина низ тешка 2022 година. Инфлацијата постојано расте низ светот, главно поради војната во Украина, додека повисоките каматни стапки ги погодија и домаќинствата и бизнисите.

Економски пад во Кина и САД

Бројките објавени во текот на викендот укажуваат на слабост на кинеската економија на крајот на 2022 година. Податоците за декември покажаа дека фабричката активност во Кина се намалува трет месец по ред и најбрзо во речиси три години, бидејќи инфекцијата со коронавирус се шири во фабриките во земјата. Во саботата, во неговите први јавни коментари по олеснувањето на ограничувањата за коронавирусот, претседателот Си Џинпинг повика на повеќе напор и единство додека Кина влегува во она што тој го нарече „нова фаза“.

Падот во САД, исто така, значи дека има помала побарувачка за производи произведени во Кина и други азиски земји, вклучувајќи ги Тајланд и Виетнам. Повисоките каматни стапки, исто така, го поскапуваат задолжувањето – така што поради двете од овие причини, компаниите може да одлучат да не инвестираат во проширување на нивниот бизнис.

Недостатокот на раст може да ги поттикне инвеститорите да извлечат пари од економијата, оставајќи ги земјите, особено посиромашните, со помалку пари за да платат за клучните увозни производи како храна и енергија.

Во такви забавувања, валутите може да ја изгубат вредноста во однос на оние на попросперитетните економии, што го влошува проблемот. Влијанието на повисоките каматни стапки на заемите влијае и на економиите на национално ниво – особено на пазарите во развој, кои може да имаат проблеми со отплата на долговите.

Со децении, азиско-пацифичкиот регион зависи од Кина како главен трговски партнер и економска поддршка во време на криза. Сега азиските економии се соочуваат со трајните економски ефекти од справувањето на Кина со пандемијата.

Обновената побарувачка за артикли како нафтата и железната руда веројатно ќе ги зголеми цените уште повеќе, исто како што се чини дека инфлацијата достигна врв.

„Олеснувањето на ограничувањата на Ковид во Кина не е решение. Транзицијата ќе биде извор на нестабилност барем во текот на мартовскиот квартал“, рече Ел.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП