Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев ја објави својата прогноза за наредната година. Тој на Твитер објави серијал со прилично бизарна листа на настани кои очекува да се случат.
— Dmitry Medvedev (@MedvedevRussiaE) December 26, 2022
„На новогодишната ноќ сите се занимаваат со предвидувања. Многумина излегуваат со футуристички хипотези, како да се натпреваруваат да го одберат најлудото, па дури и најапсурдното. Еве го нашиот скромен придонес. Што може да се случи во 2023 година:
- Зголемување на цената на нафтата на 150 долари за барел и на гасот на 5.000 долари за 1.000 кубни метри.
- Враќање на Обединетото Кралство во ЕУ.
- Распуштање на ЕУ по враќањето на Обединетото Кралство и укинувањето на еврото како валута на поранешната Европска унија.
- Окупација на западните региони на поранешна Украина од страна на Полска и Унгарија.
- Создавање на Четвртиот Рајх врз основа на Германија и сателитите кои му се придружија (Полска, балтичките земји, Чешка, Словачка, Романија, Република Киев и други отпадници).
- Ќе избие војна меѓу Франција и Четвртиот Рајх. Европа ќе се подели, а Полска повторно ќе се подели во тој процес.
- Северна Ирска ќе се оддели од Кралството Велика Британија и Северна Ирска и ќе се придружи на Република Ирска.
- Американска граѓанска војна, одвојување на Калифорнија и Тексас во независни држави. Создавање на сојузната држава Тексас и Мексико. Победата на Илон Маск за време на претседателските избори во САД во некои од државите кои беа доделени на републиканците по Граѓанската војна.
- Сите големи берзи и финансиски активности ќе ги напуштат САД и Европа и ќе се преселат во Азија.
- Колапс на финансискиот систем на Бретон Вудс, ММФ и Светска банка. Отфрлање на еврото и доларот како светски резервни валути. Враќање на златниот стандард. Транзиција кон активно користење на дигитални валути“.
По објавувањето на серијата твитови на Медведев се огласи и Маск кого го спомна.
„Епска серија. Ова се дефинитивно најапсурдните предвидувања што некогаш сум ги слушнал, а истовремено покажува и неверојатен недостаток на свест за напредокот во вештачката интелигенција и одржливата енергија“, објави Маск.

